Шкупи одбил 1,5 милиони евра за Адетунџи, бараат најмалку - два!

Македонскиот шампион Шкупи одбил 1,5 милиони евра од клуб од Хрватска за својот највреден фудбалер Сандеј Адетунџи, кој веќе подолго време е на радарот и на најголемите турски клубови Бешикташ и Фенербахче.

Адетунџи блесна во минатата сезона во која Шкупи стигна до шампионската титула и беше „златна копачка“ во македонското првенство, а денеска Нигериецот даде два гола во ремито против истанбулскиот великан Фенербахче во ремито 2-2, колку само да го најави својот многу извесен трансфер најверојатно после завршувањето на летната авантура на чаирчани во Европа.

Според турскиот новинар Керим Бастан, кој потенцира дека веќе подолго време Бешикташ и Фенербахче го следат Адетунџи, Шкупи не го продава за помалку од два милиони евра и без таа цифра чаирчани воопшто не ни преговараат. А, ако успеат да го продадат тоа би било убедливо највредниот трансфер кој еден македонски клуб го направил со продажба на свој фудбалер.

Втор турски новинар, Јагиз Сабунчоглу објави дека Шкупи веќе одбил една џиновска понуда за македонски услови и тоа од 1,5 милиони евра од Хрватска. Не е познато кој клуб ги понудил парите, но експресно биле одбиени.

А, срспаката легенда Матеја Кежман, кој работи како менаџер и скаут (менаџер е на еден од најбараните српски фудбалери Сергеј Милинковиќ – Савиќ од Лацио) веќе трипати доаѓал во Македонија за да го гледа Адетунџи, а Србинот има добра соработка со Фенербахче.

Најинтересно е што Шкупи за Адетунџи платиле само 2.500 евра и тоа во тренинг компензација кој матичниот клуб на 24-годишниот напаѓач.

Адетунџи беше донесен како замена на Дембо Дарбо кој за една полусезона исто така блесна и за милионски трансфер беше продаден во Белорусија во Шахтер Солигорск.