Шкупи не може гол да даде, Работнички го реши Тиквеш пред заминување во Анталија

Чаирски Шкупи и во третиот меч во низа не успева да даде гол, па третпат по ред во овие зимски подготовки одигра реми без голови, сега со Нефчи од Киргистан во контролниот меч во Анталија, додека скопски Работнички со 3-1 го победи второлигашот Тиквеш како последно „загревање“ пред главната фаза на подготовките на турскиот југ.

Чаирчани после ремијата со Фљамуртари и Дрита, двата клуба од Косово, денеска повторно немаше решение како да постгне гол и веќе 270 минути на овие подготовки се без погодок, што треба и да биде загрижувачки момент за тренерот Ќатип Османи, иако во ниту еден од трите меча чаирчани не загубија.

За разлика од нив, Работнички по ремито со Борец, сега го победија Тииквеш со два гола на Давид Тошевски (39-та и 60-та минута), а еден на Димитар Тодоровски, кој со голот во 13-та минута го најави триумфот. Ова беше прва победа за новиот кормилар на дебармаалци Ратко Достаниќ, кој треба да ги крене „романтичарите“ после мизерното последно место есеноска во Првата лига.

Силекс со 6-2 го победи младинскиот тим на ЦСКА Москва, а Кристијан Костовски даде два гола, додека по еден постигнаа Срѓан Драшковиќ, Стефан Ѓуриќ, Дарио Трајановски и Дарко Гроздановски.

Второлигашот Пелистер кој има амбиција за да се врати во македонската елита ремизираше 1-1 со Мачва во контролниот меч, а Кит Го го победи Кожув во Гевгелија со 1-0 во пресметката на два клуба од Источната група во Втората лига.