Шкупи ангажира напаѓач од репрезентацијата на Македонија У-21

Додека екипата е во Охрид, на подготовки за европското лето, раководството на Шкупи продолжува да го засилува составот во пресрет на новата сезона.

Нов фудбалер на чаирчани е 21-годишнит напаѓач Марко Ѓорѓиевски, член на македонската репрезентација за играчи до 21 година. Доаѓа од екипата на Раднички Пирот, со која настапуваше во српската Прва лига, која е втора по ранг, зад Суперлигата. На 26 меча таму постигнал седум гола.

„Доаѓам во Шкупи, бидејќи е навистина голем клуб. Овие пет дена додека сум овде навистина можам да кажам дека добив добар третман и мислам дека ќе напредувам и ќе го дадам најдоброто од себе за да ја оправдам довербата која ја добив со голови и асистенции. Ќе се погрижам да бидам добро прифатен од сите соиграчи и од тренерскиот тим и се надевам дека ќе ја оправдам довербата. Се надевам ќе имаме голем успех во Европа и во домашното првенство, каде што се надевам конечно ќе успееме да се радуваме на титула, заедно со нашите навивачи“, вели Ѓорѓиевски.

Тој е дете кое потекнува од школата на Вардар, а во Македонија играше и за Борец.