Шкендија се засили со уште еден албански интернационалец

Актуелниот прволигашки лидер Шкендија го донесе и четвртото сезонско засилување, откако едно ипол годишен договор со тетовци потпиша повремениот албански репрезентативец и интернационалец Камер Чака.

Тој во Шкендија доаѓа од Романија, каде играше од 2017 година во Поли Јаши, Стеауа и Универзитатеа Крајова, а инаку е роден во Пеја, но уште на две годишна возраст семејството се преселило во Норвешка, па тој во Скандинавија ги направил фудбалските чекори и бил младински репрезентативец до 17, 18 и 19 години на Норвешка. Почнал во Валеренга, играл уште и за Рауфос, Хонефос, Кристијансунд и Конгсвингер, пред да се пресели во Романија.

Овој бивш албански репрезентативец кој има четири настапи за селекцијата на западниот сосед додека селектор беше Кристијан Панучи е четврто засилување на Шкендија зимава, откако претходно дојде Робин Хебај, првиот албански интернационалец во тимот во овој трансфер-период, како и Бразилецот Игор Вандерсон и голманот Ферат Рамадани.

„Слушнав многу убави работи за овој клуб, дека е сериозен тим и едвај чекам да заиграм и да го покажам потенцијалот. Знам дека Шкендија е многу силна, дека е прва во првенството, дека играла важна улога и во Европа и се надевам дека можам да помогнам за уште повеќе Знам дека игра офанзивен фудбал, зашто јас сакам да одам напред и таа сериозност на клубот ме натера да ја прифатам понудата. Сакам да се покажам на терен и едвај чекам да почнам“, рекол Чака.

Тој е фудбалер за врска и веднаш заминува за Анталија, каде Шкендија ја одработува главната фаза од подготовките и денеска веќе ја одигра првата контролка со украинска Зарја.