Шкендија не сакала да ѝ пишува „шампион на Македонија“!

Новиот македонски фудбалски шампион, екипата на тетовска Шкендија направила голем инцидент во неделата при прославата на титулата на својот стадион по мечот со Пелистер.

И покрај тоа што е ред како и во сите случаи досега, фудбалерите да застанат зад сценографија на која пишува „победници на македонска Прва лига“, тетовци одбиле да го направат тоа, на луѓето од ФФМ не им дозволиле да ја постават сценографијата и решиле да си извадат своја на која пишува „Champions“, со логото на клубот и на нивниот спонзор, компанијата „Еколог“.

А, претходно во целата комуникација со ФФМ, луѓето од управата на Шкендија гарантирале дека нема да има никакви проблеми, дека сѐ ќе биде според договореното. Но, на денот на одигрувањето на последниот првенствен меч сезонава - репиле да пеат друга песна... 

Завчера на градскиот стадион во Тетово ништо не наликуваше дека се прогласува шампион на Македонија. На стадионот немаше ниту едно македонско знаме, на публиката ѝ беа делени илјадници албански знамиња, навивачите постојано скандираа националистички песни, навредуваа сѐ што е македонско. Дали случајно или не, и делегатот, кој треба да го нотира сето ова во записникот, и комесарот за безбедност пратен од ФФМ - беа етнички Албанци.

Дури и луѓето пратени од ФФМ за да им го предадат пехарот на фудбалерите на Шкендија за сосема заслужената титула, беа од ниските ешалони во куќата на фудбалот. Така, пехарот на Лазим Дестани, спонзорот на Шкендија, му го предадоа заменик-генералниот секретар на ФФМ, Енвер Сулејмани и членот на Управниот одбор, кој доаѓа од Липково - Саљим Абдиљи. Официјалниот спикер говореше само на албански јазик, така што ако имало некој на стадионот што не го разбира тој јазик - немало да има поим што се случува.

Ждрепката за квалификациите за Лигата на шампионите во Нион ќе се изврши во јуни, таму како претставник на Македонија ќе ја пишува Шкендија. Сакале или не тоа да го признаат тетовци, во натпреварувањата на УЕФА после името на клубот ќе ја пишува и државата од каде што доаѓа.