Шкендија и Шкупи „решаваат“ кој ќе оди во Европа!

Кога веќе прашањето за шампионот е затворено со крунисувањето на Шкендија за нов македонски првак и четврта ѕвездичка за тетовци, единствено покрај битката за опстанокот, отворено е кој ќе оди во Европа покрај Шкупи преку домашното првенство – Македонија ЃП или Струга Трим Лум.

„Лавовите“ кои го искористија ремито на директниот конкурент за третото место, Струга ТЛ во пресметката со Шкупи (0-0) за да дојдат на три бода предност, сега ги очекува дуел со чаирчани во малото скопско дерби, додека стружани одат на мегдан на новиот првак Шкендија, па практично денеска првите две екипи може да решат кој ќе им се придружи во летните европски настапи.

Ѓорчепетровци веќе денеска може да го заверат третото место, ако успеат да го победат Шкупи, а Шкендија да им помогне и да ја продолжи својата извонредна победничка серија од осум меча во низа досега, па да триумфираат и деветти пат последователно. Вакво сценарио ќе значи дека „лавовите“ ќе избегаат на шест бода и практично ќе ја завршат работата, зашто во меѓусебните пресметки се подобри од стружани за еден гол.

Во трите дуели, Македонија ЃП има победа од 2-0, реми 1-1 и неодамнешниот трилер пораз со 2-3 на свој терен од Струга трим Лум, па подобрата гол-разлика од тие дуели ги ставаат „лавовите“ во недостижна позиција ако победат, а главниот ривал загуби (ист скор, 5-4 гол-разлика за Македонија ЃП).

Но, Струга во Тетово нема намера да се предаде, дури и ќе се обиде да победи за да остане во игра за Европа, особено што Шкендија доаѓа во Ѓорче Петров во следното коло. „Лавовите“ до крајот после овој меч со Шкупи имаат домашен со новиот првак, па гостување кај Вардар на кого му гори под нозе за опстанокот, додека Струга го чека Вардар веќе во следното коло, а во последното оди во Кратово кај Силекс.

Дали битката за Европа ќе заврши или последните две кола ќе решаваат, одговор ќе има денеска, а најмногу ќе зависи од Шкендија и Шкупи и нивната мотивација да играат на највисоко ниво, иако веќе немаат преголем резултатски императив.

Последниот патник во Европа во квалификациите во Конференциската лига ќе го решава финалето на Купот на Македонија на 19 мај, дали Силекс или Академија Пандев ќе имаат летна авантура на меѓународна сцена.

ПРВА ЛИГА, 31. КОЛО (13 ЧАСОТ)

БИТОЛА: Пелистер – Академија Пандев

ТЕТОВО: Ренова – Беласица

КРАТОВО: Силекс – Борец

АРЕНА: Вардар – Работнички

ГОСТИВАР: Шкендија – Струга Трим Лум

ФФМ: Шкупи – Македонија ЃП

ТАБЕЛА: Шкендија 71 бод (првак), Шкупи 56, Македонија ЃП 51, Струга ТЛ 51, Работнички 41, Пелистер 38, Борец 36, Силекс 35, А. Пандев 35, Ренова 32, Вардар 31, Беласица 17 (испадната).