Разврска за Европа и за опстанокот: Ќе биде пекол во Кратово, Скопје и Битола

Три меча од кои два директни судири попладнево (16.15 часот) се центар на вниманието во претпоследната рунда од македонскиот фудбалски шампионат, по кој можно е да има комплетна разврска во битката за место во Европа, но и за опстанокот. На програмата е 35-то прволигашко коло во кое во фокусот се дербијата на Силекс со Работнички и Скопје со Победа, како и дуелот во Битола помеѓу Пелистер и Шкупи.

Кој ќе биде третиот сигурен патник, а кои два тима ќе играат идната сезона во Втората лига можно е денеска да биде решено, а за такво сценарио сè зависи од Работнички, Победа и Шкупи, но нималку лесно нема да им биде на овие три тима на гостувањата во оваа претпоследна рунда, затоа што домаќините ќе се обидат да ја пролонгираат таа разрешница за неделното финале на сезоната. Победи на овие три тима на гостувањата дефинитивно ќе стават крај на битката за Европа и за опстанокот, а во последното коло само би се решавало кој ќе го освои четвртото место и ќе чека „милостина“ од Шкендија да го освои Купот за да им овозможи излез на меѓународна сцена.

Откако го освоија третото место на табелата Работнички му гостува во Кратово на Силекс во директен дуел за третата позиција и победа за дебармаалци би ги решила сите дилеми околу третата позиција на табелата која директно носи пласман во летните квалификации во Лига Европа. Работнички сезонава на единственото гостување во Кратово загуби со 0-2, па повеќе од јасно е дека четата на Ѓоре Јовановски ја очекува тешка задача против Силекс, кој најмногу поради лошата серија на мечеви со четири порази од петте последни дуели полека извисува во таа трка за излез на меѓународна сцена.

За Работнички денеска ќе навива и Шкупи, кој гостува кај Пелистер во Битола и чаирчани се надеваат дека со победа на „Тумбе Кафе“ и нов кикс на кратовци ќе ги прескокнат за четвртото место. Како и Работнички и Шкупи го очекува тешка задача особено што на Пелистер му гори под нозе во трката за опстанокот. Пред една недела, Шкупи со 5-2 ги победи битолчани покажувајќи дека се поквалитетни, но тоа ќе треба да го потврдат на теренот.

Суперинтересно се очекува да биде и на „Железарница“ во скопската населба Автокоманда, каде фенерџијата Скопје во директен дуел за опстанок ја дочекува Победа, која во моментов го има местото за бараж за опстанокот. Скопје не смее да киксне, а Победа со триумф веројатно ќе го реши прашањето за тој бараж. Во случај на триумф на прилепчани и пораз на Пелистер, разврската за опстанокот би била позната, а Пелистер и Скопје би испаднале во понизок ранг. Сепак, „пиратите“ покажаа сезонава дека на „Железарница“ тешко кој успеал да освои бод(ови), па оттаму и нивната надеж дека уште повеќе ќе ја зовријат таа битка за прволигашкиот живот во завршните 90 минути од сезонава в недела.

Останатите два дуели, Вардар против Академија Пандев и тетовското дерби Ренова – Шкендија ќе бидат мечеви само за престиж, без поголем резултатски значај.

ПРВА ЛИГА, 35. КОЛО (16.15 ЧАСОТ)

„Филип Втори“: Вардар – Академија Пандев

Кратово: Силекс – Работнички

„Тумбе Кафе“: Пелистер – Шкупи

„Железарница“: Скопје - ПОбеда

Тетово: Ренова – Шкендија

ТАБЕЛА

Шкендија 85 бода, Вардар 53, Работнички 48, Силекс 46, Шкупи 45, А. Пандев 42, Ренова 41, Победа 35, Пелистер 34, Скопје 32