Работнички и Арсими го затвораат вториот дел - победа е единствена опција за двата тима!
Дебармаалци со една нога се веќе во понизок ранг со оглед што имаат само 13 бодови, додека ривалот од Чегране има двојно поголемо бодовно салдо, но и покрај тоа се меѓу тимовите кои преку бараж би се бореле за прволигашкиот статус. Фудбалерот на Арсими, Албин Рамадани, потенцира дека неговиот тим влегува во натпреварот со јасна цел – освојување на трите бода.
„Нѐ очекува многу важен натпревар против Работнички. За нас како клуб овој дуел има голема тежина и единствената алтернатива е победата. Максимално се подготвувавме во текот на целата недела и екипата е мотивирана да го даде својот максимум на теренот“, изјави Рамадани.
Од таборот на Работнички, пак, свесни се дека секој бод е од огромно значење во борбата за опстанок. Напаѓачот Сухељ Мухарем истакнува дека неговиот тим нема право на кикс.
„Мотивирани сме да ги освоиме трите бода. Знаеме каква е нашата позиција на табелата, само победа ни е опција на денешниот меч. Арсими има квалитетен тим, но ние немаме друг избор освен да притискаме за бодовите. Верувам дека можеме да ја исполниме целта и да продолжиме со борбата за опстанок“, изјави Мухарем.
Со овој натпревар ќе биде заокружен вториот круг од првенството, а и двете екипи ќе се обидат да дојдат до бодови кои можат да бидат исклучително важни во битката за нивните сезонски цели.