Ако надежите за титулата сè уште постоеа за македонскиот првак Вардар дека може да ја достигне големата негатива од осум бода во однос на лидерот Шкендија, денеска практично и тие надежи исчезнаа откако црвено-црните го загубија 61-то соседско дерби со Работнички (1-2), па наместо да им направат притисок на тетовци, дозволија утре Шкендија со победа да избега на недостижни 11 бода разлика ако ја триумфира со Академија Пандев во Тетово.

Вардарци прописно не ни поиграа со топката по стартот на дербито со Работнички, а дебармаалци од две шанси успа да им даде два гола и со тоа да го реши прашањето за победникот. Себастијан Херера по нецели 120 секунди го отвори мечот со гол со глава по еден центаршут, а новото засилување Виктор Ангелов четири минути подоцна ја дуплираше предноста по одбиената топка од Филип Гачевски со што и го запечати првиот пролетен триумф на „романтичарите“. „Ова не е Вардар“ пееа вардаровите навивачи за да им покажат на милениците дека пролетва играат очајно, патем и вербално навредувајќи ги за настапот во овие 90 минути.

По двата гола, Вардар тргна силовито во напад, постојано го притискаше противникот, кој пак од друга страна со збиени линии одолеваше на сите обиди, не дозволувајќи им на вардарци да создаваат многу шанси, а со тоа и да го загрозуваат голот. Ако погодеше Максим Максимов на стартот на вториот дел, кога од два метри промаши цел фудбал пред голот на Работнички, можеби дербито ќе добиеше многу поголема на неизвесност, но Русинот прописно се избламира, па Вардар за бод се бореше во завршните 15 минути откако Горан Попов погоди по корнер, но црвено-црните. Откако голманот на дебармаалци Даниел Божиновски доби црвен картон во завршницата од мечот (имаше шест минути судиско надополнување), Вардар се обиде барем да се спаси од бод, но и тие атаци кон голот на Работнички завршија неуспешно, воглавно и поради добрата дефанзива на домаќините.

Математички Вардар и со 11 бода негатива, ако Шкендија ја победи Академија Пандев теоретски не ја загубил титулата, но тешко е за верување и кај најголемите оптимисти и приврзаници на црвено-црните дека до крајот на сезоната Шкендија ќе има четири порази, а Вардар ќе победи сè за да се случи невиден пресврт во трката за шампионската титула.

Сега на Вардар му останува сериозно да се подготви за реванш четвртфиналето во Купот закажано за 7 март во Тетово, со цел да не остане сезонава без трофеј.