Работнички единствен без пораз и лидер по првата третина од првенството

Со натпреварите од 11. коло, денеска заврши првата третина од македонското фудбалско првенство, а на челната позиција по нејзиниот крај се наоѓа тимот на Работнички.

Дебармаалци чекаат титула од 2014 година, последните три сезони ги завршија на осмото место, но оваа се решени да се вратат на европска сцена по пауза од шест години. Стартот на сезоната го одбележа сензационалниот и пред се срамен пораз за Работнички во Купот на Македонија, од третолигашот Шкендија Арачиново, но оттогаш тргна работата за поранешниот четирикратен шампион.

По 11 кола, Работнички е единствен без пораз во Првата македонска фудбалска лига и со 23 бода се наоѓа на првото место. Тимот од Дебар Маало има најмал број примени голови, само четири што е доволно за врвот и покрај тоа што не беше претерано ефикасен и на досегашните 11 меча постигна 13 гола. Оствари шест победи и пет нерешени резултати, а во последните пет кола прими само еден гол и тоа пд Шкупи на домашен терен, во победата со 2-1.

Зад Работнички се три екипи со по 20 бода: Шкендија, Силекс и Гостивар. Далеку назад се Шкупи и шампионот Струга со по 16, па Беса, Пелистер и Брера со по 12, а во грчевита борба за опстанок се Тиквеш и Вардар кои по 8 и Воска со 7 бода.

Екипите немаат многу време за одмор бидејќи втората третина од првенството стартува веќе в среда кога е на програмата 12. коло. До крајот на „есенската“ полусезона остануваат уште седум кола, а последното од нив се игра на 8 декември.