
Притвор за тепачот во Штип: Прво удирал синот, па се приклучил и таткото!
Според соопштението на Обвинителството, најпрво синот на обвинетиот нападнал еден од противничките фудбалери зашто не бил задоволен од одлуката на судијата да му биде доделен втор жолт картон. Потоа на теренот влегол таткото кој со тупаници почнал да ги тепа децата кои се здобиле со повреди и биле хоспитализирани во болницата во Штип.
„Осомничениот извршил грубо насилство на 24 август на стадионот Бело Брдо во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи. Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Брегалница“, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за Шкупи. Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот, имајќи го предвид видот и сериозноста на кривичното дело против јавниот ред, опасноста од бегство на осомничениот и можноста за повторување на делото“, соопшти ОЈО.