По само шест месеци, Пелистер се раздели со Захариевски

Во новата сезона во македонското фудбалско првенство, екипата на Пелистер ќе влезе со нов тренер откако денеска ја раскина соработката со Срѓан Захариевски.

Поранешниот репрезентативец го презеде тимот на почетокот од 2025 година како замена за Влатко Костов и успеа да го освои шестото место на табелата со 39 бода. 

„ФК Пелистер врти нов лист во својата иднина и тој нов почеток ќе го означи со нов шеф на стручниот штаб. Клубот спогодбено го раскина договорот со тренерот Срѓан Захариевски и наскоро ќе го именува неговиот наследник. Захариевски дојде во Пелистер во зимата 2024 година и ја водеше екипата во вториот дел од шампионатот на Македонија 2024/25. Под негово водство нашиот клуб заврши на шестото место во табелата. Клубот му се заблагодарува за професионалноста и стручноста и му посакува успех во понатамошната кариера“, објави битолскиот прволигаш.

Со оглед на тоа што наскоро треба да почнат подготовките за новата сезона, клубот треба брзо да реагира и најави дека во најкраток временски период ќе назначи нов тренер.