Питачат 2.000.000 евра за Вардар, за Самсоненко да си земе назад 800.000?

Долговите од околу два милиони евра, поради кои нивниот миленик втора сезона по ред може да остане без настап во Европа, е болка од рангот на најтешката мигрена за армијата навивачи на македонската фудбалска гордост Вардар. Но, најголем дел од нив не знаат дека сѐ уште актуелната управа се труди да го најде ова „мало богатство“ не поради желбата да го изнесе клубот на европски пат, туку на газдата да му обезбеди враќање на дел од инвестицијата.

Главна причина што актуелните предводници на црвено-црниот колектив од петни жили се трудат да најдат „жртва“ која на сметката ќе уфрли свежи пари е интерниот договор кој Сергеј Самсоненко го има(л) со фудбалерите на кои им должи односно им должел многу пари. Рускиот бизнисмен, според нашите информации од клубот, изминатава сезона во повеќе наврати од својата приватна сметка им исплатил на играчите одредени суми пари на име на своевидна позајмица, со писмена гаранција дека тие пари ќе му се вратат во рок од 24 часа, кога тие ќе си ги добијат долгувањата преку официјалката сметка на Вардар. Внатрешните извори велат дека станува збор за сума од дури 800.000 евра, кои ќе мора да му бидат вратени на Самсоненко и тоа од парите која некоја „будала“ би ги внела на официјалната сметка на вардарци за да се регулираат обврските потребни за добивање на толку посакуваната лиценца за настап во Европа.

Токму желбата да си врати скоро еден милион евра од инвестицијата вложена во актуелниот лидер на прволигашката табела е причината што членовите на управата на клубот, како и „сателитите“ блиски до него, се растрчани на сите страни да најдат спонзор, кој ете ќе има големо срце за да го спаси Вардар. Желбата на Русинот да му се обезбеди некој што ќе му овозможи да си врати назад парите, за кои просечен Македонец би требало да работи скоро 150 години без ништо да не потроши, е и причината за големиот притисок врз градот Скопје, да влезе во оваа, во најмала рака сомнителна приказна.

Прашање е само дали питачењето ќе им успее на сѐ уште главните во црно-црвениот табор, или, пак, ќе биде осуетен обидот за враќање назад на голема сума пари преку срцепарателниот апел за преземање на клубот од првичниот сопственик. Во моментов, втората опција е многу пореална, барем ако се суди преку изјавата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов дека единствен начин на кој Самсоненко може да го врати клубот е тој да биде без долгови, каков што бил во моментот кога го земал на „заем“ од градската самоуправа.

Рускиот бизнисмен во јануари 2014 година како единствен понудувач за 81 илјада евра го зема во владеење Вардар од град Скопје и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, поранешен ПУИГ, кои се сопственици на клубот после трансформацијата на црвено-црните во АД. Град Скопје има 51 отсто од акциите, а АДССДП – 48 отсто. Според договорот, Самсоненко е обврзан да инвестира во Вардар најмалку 1,5 милиони евра во секоја година и оттогаш Вардар во шест години негово владеење трипати стана првак на Македонија, а во 2017 година играше во Лига Европа, а сезонава иако со подмладен тим има добра предност во трка за нова шампионска титула.

Вардар веќе две години има сериозни проблеми со финансиите и од поодамна покажуваше симптоми на клуб кој е пред пропаст, а кулминацијата на хаосот беше со исклучената струја во Академијата пред десетина дена. За жал најголемиот македонски фудбалски гигант во изминатиот период беше втурнат во „политичките води“, а Самсоненко во истиот тој период од вкупно шестпати сосе последната објава за заминување, трипати беше поврзано со заминување од фудбалскиот клуб и сето тоа се поклопува(ше) со политичката кампања, дали за парламентарни, локални или претседателски избори.