Пелистер ќе соработува со Бенфика, една од најдобрите младински школи на светот

Општина Битола заедно со ФК Пелистер постигна договор за соработка со младинската школа на португалскиот гигант Бенфика, а целта е да се согледаат искуствата во создавање на добри фудбалери и истите да се применат како добри совети во битолскиот тим.

Менаџерот на фудбалската школа, Мигел Риес кажа дека ова е важна соработка.

„Секогаш претставува задоволство да се посети Макаедонија, а особено овој историски клуб кој е дел од историјата не само на регионот, туку и на Македонија. Главната цел за сите нас, е секако развојот на младите. Работам на развој на младите и тоа е главната можност која ја гледам за започнување на нови партнерства за соработка со Бенфика како и напредок и скаутирање на млади играчи. Ова исто така претставува наша цел и во Македонија. Идниот пат, ќе работиме заеднички со надеж дека ќе направиме одлична работа, со нови фази и нови деца кои ќе бидат дел од македонскиот национален тим како и тимот на фудбалскиот клуб Пелистер“, вели Риес.

Ванчо Мицевски, спортскиот директор на Пелистер, кажа дека може многу да научат од гигантот.

„Знаеме Бенфика каков гигант е во европскиот и светскиот фудбал. Во последно време нивната школа мноту добро работи и е помеѓу водечките во Европа, ако не и најдобри. И нормално ние како Пелистер, како македонски бренд во фудбалот, познат и преку школата од каде секогаш излегувале добри играчи, од таков гигант секогаш може нешто да се научиме. Оваа соработка, веќе ја најавивме во зимскиот период. Сега имаме нешто поконкретно. Дојде нивниот претставник, на нивните младински школи и се надеваме дека ќе имаме ново искуство, ќе купиме некои работи од нив, она што тие го применуваат за да создаваат играчи од светски калибар, но сега се тоа во македонски, балкански рамки. Сепак, чекор по чекор мора да одиме кон фудбалска Европа“, рече Мицевски.

Градоначалникот на Битола, Тоњи Коњановски порача дека идната година е планирано одржување на младински камп со тренери од школата на Бенфика.

„За нас, ова значи многу, посебно во делот на соработката на младинските школи. Планираме идната година, прочуената фудбалска школа на Бенфика, да дојде тука, во организација на ФК Пелистер да се направи еден камп, кој ќе вклучува деца не само од Битола, туку и од регионот и пошироко. Тоа се нови искуства, нови предизвици за нас, нов пристап кон фудбалот, тоа е добро и за нашите тренери, посебно за градот, се надевам дека тоа би значело многу“, кажа Коњановски.

ФОТО: Општина Битола