Гарсија Парондо - човекот кој е потивок и од Раул, го направи Вардар - да грми!

Импресивниот старт на сезоната го врати Вардар на престолот на јавноста, откако летуваше во сомнежи и недоверба од цела Европа. ЕХФ го исфрли и од топ-10 фаворити за новата сезона во ЛШ, најмногу бидејќи тимот го напуштија важни играчи, а Раул Гонзалес беше заменет од 38-годишен дебитант. Но, тој се надви над сите проценти, „кликна“ со екипата и генијално маневрира од победа во победа. Затоа перото на Спорт1 застана на името на Роберто Гарсија Парондо и во интервју се обиде да открие кој е, каков е и колкав може да стане.

ВЛАДКО АРСОВ

Кога стариот Вардар, на Раул Гонзалес, го исполни својот рок на траење, загуби и дел од својот идентитет, па лесно беше фановите да снемаат верба во „ерата“ која требаше да следува. Таа падна во рацете на Роберто Гарсија Парондо, Шпанецот потивок и од својот претходник, кој дојде во Скопје како помошник во репрезентацијата на Македонија, а потоа се зафати и со женскиот тим на Вардар. Зарем можеше тој да го нарами товарот со црвени и црни линии, со тешко име гравирано на еден трофеј во форма на рака, меркан со страв дека амбициите полека се трансформираат во спомени?

Излезе дека може! И тоа не низ иглени уши, ами машки, дрско и нестварно добро, со победи кои се мисловна именка за повеќе од пола екипи во ЛШ. Велат, секој добар филм останува на едно продолжение, бидејќи второто, по правило е лошо, но Парондо е овде за да го скрши правилото бидејќи неговиот филм стана - мега-хит! 

Ја почнавте сезоната со четири победи во ЛШ, пет во СЕХА или вкупно 9-0-0 во двете конкуренции. Очекувавте ли вакво нешто кога седнавте на клупата?

„Јас бев подготвен за сè. Од првиот момент кога ја знаевме ждрепката и календарот, дека почнуваме кај Монпелје, па потоа во Веспрем и дома со Рајн-Некар бев подготвен и се обидов да им кажам на играчите дека може сè да се случи. Сега имаме перфектен скор, четири победи, осум бода и тоа е најважно. Можеше да биде обратно, како тоа што му се случи на Монпелје со 0-4, можеше да биде многу полошо. Меѓутоа, исто така по натпреварот со Веспрем зборував со некои од играчите. Им реков, добро сега победивме сè е добро и совршено. Но дури и да не успеевме да победиме, да речеме ако загубевме со еден разлика – за мене ќе беше исто. Зашто тие играат одлично, си ја завршуваат работата и се борат секој ден. Понекогаш, еден гол е многу поважен за останатите луѓе, отколку за мене. За мене тоа е најважно, да знам каде е тимот, како работи и што може да постигне“

Што е тајната, кој е рецептот?

„Мислам дека најважно е да се работи нон-стоп, секој ден. Јас и играчите работиме напорно, на тренинзите се обидуваме да направиме нешто што сметаме дека би функционирало и би донело победи. Постојано сме заедно, цела недела тренираме и разговараме заедно и се обидуваме да најдеме начин како би било полесно. Не лесно, туку полесно“

Дали ви пречи тоа што јавноста и ние медиумите уште велиме дека „Вардар направи чудо“. Тоа, во некоја смисла, значи дека луѓето не верувале во вас од почетокот. Дали ви пречи?

„Дури и да бевме Барселона од нејзините најдобри години, да бевме и најдобриот Кил што некогаш бил, дури и тогаш ќе ни беше многу тешко да ги победиме овие четири меча. Затоа, треба да сме среќни за овие победи, но исто така мора да си веруваме себеси. Знам дека немаме широк тим, како минатата сезона. Шест играчи си заминаа, само четворица пристигнаа, имаме многу повредени, двајца играат со болки во коленото и ќе мора порано или подоцна да направат операција....тоа е екипата. Во моментов можеби не изгледаме најсилни, имаме помалку играчи од минатата сезона, но јас им кажав дека мора да работиме и со тие играчи што ги имаме способни сме да направиме големи работи. Ако играме од почеток до крај на секој натпревар со 100 проценти и ако работиме - тогаш можеме. Без тоа, без интензитет, без мотивација немаме шанса против никого“

А, дали ви пречи што сите сè уште ве споредуваат со Раул?

„За мене не е проблем. Ние 80-90 проценти ракометот го сфаќаме исто. Јас играв со него кога имав 16 години, тој тогаш беше плејмејкер, а јас останав во тимот (Ваљадолид) шест години. Потоа бев во Сиудад Реал, каде што тој му беше помошник на Талант Душебаев уште шест години и затоа размислуваме многу слично за ракометот, како да играме, како да работиме и затоа сето тоа е природно“.

Имате четири победи од почетокот на сезоната, Раул никогаш не стигна до пет. Во годината кога Вардар стана шампион, сезоната ја почна со четири. Можете ли до петтата?

„Ќе се обидеме, тоа бидете сигурни, тоа е нашата цел, нашата главна идеја. Меѓутоа, не за да бидат пет по ред, туку затоа што ние треба да очекуваме победа во сите 14 кола. Мора да размислуваме така, но истовремено треба да знаеме и дека постои голема и реална шанса да загубиме некогаш. Во оваа ЛШ е многу тешко да се победи, кажувам секое коло. Но, ете, ние и сега ќе одиме во Кјелце за да победиме и да освоиме нови два бода. Не за да имаме пет по ред...“

Тука сте вие, Раул, цела една генерација повозрасни тренери, како Маноло Каденас, Валеро Ривера, па потоа Душебаев, Пастор, Ортега...Што е со шпанските тренери, ве има шест во топ-8 од ЛШ? Како сте толку добри?

„Не знам, навистина. Јас учев да го работам ова уште како млад играч. Иако бев играч, јас се обидував да учам, зошто го правиме ова, што може да се направи во оваа ситуација, како да бидеме подобри, што е добро, што не...значи се обидував да ја разберам играва. Ако сите тие тренери имаме нешто заедничко, тоа е дека сме вредни работници. Ете, рековте и некои постари тренери, Каденас, Ривера, кои имаат освоено многу, па сега и ние помладите како јас, Раул...не знам што друго, само тоа сум сигурен – сите сме големи работници, се обидуваме да направиме нови работи и да учиме колку што е можно повеќе. Можеби имаме некој стил и влијаеме на ракометот со тоа, но ова не е случај само со шпанските тренери, туку со сите. И кога гледате некого на телевизија, ако гледате нешто добро, што функционира, нормално е да копирате. Дали она што го играме ние е најдобро? Не би рекол. Само се обидуваме да се подобруваме секој ден, да учите за тимот, да ги знаеме и да ги разбираме играчите, за мене тоа е клучот до победите и до успехот.“

Кој од овие што ги набројавме е вашиот најголем ментор, од кого научивте најмногу?

„Тешко е да се каже, јас имав голема среќа бидејќи работев, речиси, со сите нив. Во репрезентацијата работев со Валеро Ривера, со Пастор, со Каденас, во клубовите бев повторно со Пастор и со Каденас, со Душебаев, со Раул и затоа велам дека имав среќа. Меѓутоа, исто така многу научив и од мои соиграчи. Во сите тимови во коишто играв имаше многу големи играчи, особено во Сиудад Реал и затоа ден за ден учев многу нови работи. Не можам да кажам дека еден ми е ментор или најмногу сум научил, туку учев од најдобрите тренер и од најдобрите играчи“.

Дали се плашите дека оваа одлична форма на Вардар нема да трае до март, април?

„Точно, најважниот дел од сезоната се март и април, затоа мора да бидеме подготвени за тоа. Тоа ми е една од целите. Ние треба и сега да победуваме, за да бидеме на што е можно подобра позиција во групната фаза, но истовремено да се обидуваме да напредуваме низ сезоната, да бидеме во добра кондиција и кога ќе дојдат елиминациските натпревари. Да се разбереме, сигурно ќе има дел од сезоната кога нема многу да победуваме и нема да бидеме толку успешни. Најважната работа е да знаеме каде е тимот, што може тој да оствари и да останеме цврсти на земја.“

Што ви треба за да останете во добра форма, можеби нов играч или двајца во текот на сезоната?

„Се надевам дека сите играчи ќе бидат добри, тоа би било најдобро. Сега Рожерио и Вуко играат со проблеми во коленото, Столе беше повреден, па еве се врати, уште други двајца-тројца играчи имаат помали проблеми, но тоа е нормално за еден топ-тим, кој мора да игра многу силни мечеви. Јас се надевам само дека овие играчи што ги имаме ќе бидат здрави во текот на сезоната, а што повеќе ќе имаме, ќе биде полесно за сите во тимот.“

Ќе ви биде ли потешко сега кога првпат сте главен тренер, а повторно ќе имате обврски во репрезентацијата на Македонија?

„Не, ние во Вардар имаме многу играчи кои ќе заминат со своите репрезентации за ЕХФ-неделата, само пет-шест ќе останат овде. Со толкав број тешко е да направите нешто посебно или да работите нормален тренинг. Меѓутоа јас сепак ќе работам со нив во текот на утрото, а потоа ќе имам обврски во репрезентацијата. Полна агенда, но мене ми е задоволство. Така беше и минатата сезона и немав проблеми. Работам тоа што го сакам. Точно, тие денови се тешки, се фаќаат по осум часа да работиме ракомет, но мене ми е задоволство да работам со Раул повторно. И кога беше тука поминувавме многу време заедно.“

Ќе биде ли сега малку поразлично затоа што сте во различни екипи?

„Не, не. Раул ми е многу добар пријател, еден од најдобрите. Не ми е важно дали е во Париз или е во Скопје, тоа ништо не значи.“

Кажете ми нешто за репрезентацијата, ни претстојат квалификации со релативно лесни противници?

„Мислам дека имаме добра група за пласман на следното ЕП, мислам дека ако работиме правилно можеме да ги поминеме квалификацииве. Сега ни требаат две победи на почетните два меча, со Турција и со Грција, а редно е да почнеме да размислуваме и на следното СП. Е во тој случај не бевме среќни, добивме тешка група и ако ја поминеме, втората фаза ќе биде уште потешка. Мислам дека има добар состав во националниот тим, само што добар дел од играчите веќе стареат, а јас мислам дека во овој момент нема многу млади ракометари кои се подготвени да ја заземат нивната позиција.“

Тоа беше следното прашање, што кога Кире Лазаров ќе се пензионира?

„Тешко е да го замените Киро, тој е еден од најдобрите ракометари во последните 10 години и затоа, дури и да има некој што е извонреден талент, повторно ќе биде тешко да се замени Киро. И не е само тој, тука е Миркуловски, можеби 5-6 постари ракометари, извинете што велам постари, но тоа е, времето си минува. Поентата е да се најдат неколкумина кои можат да преземат. Има неколку добри млади ракометари, тука се Талески, Кузмановски, Велковски, кои веќе играат минимум две години со репрезентацијата, но треба уште. И зависи како ќе работат, како ќе се развиваат и ќе напредуваат...“

Што е тоа што ги прави играчите добри на натпреварите? Од една страна го имате Кире Лазаров, којшто е докажано име со години, но од друга ги имате, да речеме, Дејан Милосављев и Сташ Скубе, кои на хартија не се ѕвезди, но од почетокот на сезонава се меѓу најдобрите ракометари во Лигата на шампионите?

“Уф...не знам. Мора да се сетите и дека Киро не бил ѕвезда од секогаш, кога бил млад и кога почнувал. Дејан е млад, ова е негова прва сезона и е многу добар, а Сташ беше во Пик Сегед и напредуваше секој ден, а еве сега покажаа дека се одлични играчи. Киро сега и на 38 години покажува како треба да изгледа голем спортист, секој ден работи, се грижи за своето тело, фокусиран за ракометот. Ако го прават тоа и другите ќе можат да имаат резултати. Дејан и  Сташ го прават тоа сега и ако продолжат ќе имаат големи кариери пред нив.“

Бевте ли изненадени кога видовте каков голман сте купиле, со сите тие негови решавачки интервенции?

„Секако, ова лето проблем број еден беше голман. Си замина Штербик, потоа се случи ситуацијата со Џамбо, клубот донесе одлука и останавме само со еден голман. Тој е млад, ние знаевме дека е добар, но не е исто да играте во Србија и во Лигата на шампионите. Тоа беше голем притисок за него и клучен момент според мене, кога бидов дека може да биде добар, да го даде најдоброто од себе, а да не почне да си вели ‘е ова е Лига на шампиони, сите гледаат во мене’. До овој момент тој секој ден работи напорно, со Периќ, со остатокот од тимот и јас сум многу задоволен кога ги гледам неговите фантастични одбрани. Сепак, не треба да заборавиме дека голема заслуга има и одбраната. Тоа е тим, одбраната и голманот работат заедно.“

Да, успеавте да направите добра одбрана иако заминаа Абутовиќ, Марсениќ, Кањелјас... Како успеавте за кратко време да составите различна одбрана, а да функционира?

„Да, оваа година одбраната ни е многу поразлична. Тоа беше најголемиот предизвик за мене пред почетокот на сезоната. Заминаа пет играчи кои ја формираа одбраната, на централните позиции, а дојдоа три кои не играат одбрана, барем не во средината на зоната. Затоа моравме да правиме тотално нова одбрана, некои од старите играчи добија нова улога и затоа беше тешко. Исто така, Калараш дојде еден месец подоцна, па и тој требаше да се вклопи. Поради сето ова сум презадоволен од моите играчи. Без многу време, без многу ракометари, ние сепак играме добра одбрана.“

Бркајќи ги попопуларните спортови од него, ракометот почна значајно да се менува. Неодамна имаше големи промени во правилата со 7 на 6, со пасивната игра... Каде оди ракометот со сите овие промени?

„На почеток, кога има ново правило, кое ја менува играте, тешко е да се прифати, бидејќи сте се навикнале на некои работи во последните 20 години. Потоа го прифаќате и може дури да сфатите дека е подобро со него. Правилото кое најмногу го промени ракометот во последно време е играта 7 на 6, но мислам дека многу тренери не го сакаат. Ја смени структурата на ракометот, како да играте одбрана, како да играте напад... Не знам, единственото сигурно е дека правилото е тука, мора да го прифатите и да се обидете да играте или на тој начин или да научите да играте против тоа правило.“

Вие не го преферирате многу...?

„Да, досега празен гол оставаме само кога имаме пет играчи на терен, сметам дека тоа е добро и потребно. Но, седум на шест не сме го користеле многу досега, но изгледа ќе мора да го тренираме. Се случува на некои натпревари да немаме добар напад и не е лошо да го имаме како опција. На пример Рајн-Некар секогаш игра 7 на 6. Не знам, работата е во тоа што ако решите да играте така, мора да го истренирате добро, затоа што лесно се греши. Што знам, јас мислам дека ако веќе се користи ова правило, добра опција е да има ограничен број на акции во кои ќе го користите. Можеби 15 напади во натпревар. Не е убаво кога еден тим 60 минути игра така, а би било освежување кога ќе се вметне по некој акција. Ако има, да речеме, по 30 напади за секој тим, нека има ограничување на 12 напади во кои смеете да играте 7 на 6. Може да биде добра идеја, но ние не ги создаваме правилата. Луѓето кои го прават тоа сигурно работат со намера да го подобрат ракометот, да не застане во минатото. Со 7 на 6 шанса добија послабите тимови. Ако обично 6 на 6 немаат опции, со 7 на 6 имаат некаква шанса.“