Доказот дека Вардар заслужено беше првак на Југославија! (ВИДЕО)

Пред 31 година најтрофејниот македонски клуб Вардар ја освои својата прва шампионска круна во историјата, тогаш како дел од поранешна Југославија, во период кога сплеткарењето во југословенскиот фудбал доживуваше кулминација со низа „местенки“, но на крај белградскиот суд на здружениот труд му ја подари круната на белградски Партизан. Белградските црно-бели и денеска по книгите на сојузот е првак поради судската одлука, но за УЕФА шампион и клуб кој ја претставувал тогашна Југославија во Купот на европските шампиони е – скопски Вардар.

На денешен ден 14 јуни 1987 година, Вардар го загуби последниот меч во сезоната со 1-4 од Динамо во Загреб, но и ривалите не успеаа да победат, па во сезоната во која повеќе од половина клубови беа казнети со по шест бода на стартот, на крајот црвено-црните се радуваа на титулата. Сè почна од славното шајберово коло во 1986 година и местенките во трката за титулата помеѓу белградските ривали Партизан и Ц. Звезда, по што најголемиот дел од клубовите новата сезона ја почнаа со минус бодови (по шест).

Но, во фудбалот се замеша политиката, а судот на здружениот труд првостепено ги укина казните четири дена пред одигрувањето на последното коло, но следеше жалба од ФСЈ за која на второстепена комисија на 29 јули, трочлениот судски совет ја потврди првостепената одлука за да се вратат одземените бодови на клубовите, а со тоа Партизан на „зелена маса“ го направија првак. Но, таа одлука за УЕФА не беше валидна, па за европската централа шампион и претставник на Југославија во КЕШ е Вардар, кој на 16 и 30 септември, двапати ќе игра со тогашниот актуелен европски првак Порто (два порази со по 0-3).

И нецел месец откако судот му ја одзема фудбалски заслужената круна на Вардар на фудбалскиот терен, црвено-црните и Партизан се сретнаа во меѓусебна пресметка, која ако ништо друго барем на пола Белград и на целата воено-судска власт им докажа кој е вистински првак во 1987 година. Вардар на 23 август во четвртото коло од сезоната 1987/88 го пречека Партизан на Градскиот стадион и – го победи. Славеа црвено-црните со 2-1, со два гола на Дарко Панчев во 40-та и 60-та минута од мечот, а Фадиљ Вокри, кој неодамна почина во Приштина беше стрелец за црно-белите на десет минути до крајот на мечот.

Победата на Вардар над Партизан како еден вид „суперфинале“ беше доказ за шампионската генерација на црвено-црните, заслужената круна и се случуваше во период, кога белграѓани се обидуваа да излобираат со судската одлука тие да се најдат како шампиони во КЕШ кај европските фудбалски челници. Но, нивниот обид остана безуспешен, па Вардар во Европа беше запишан како првакот на СФР Југославија. Вардар и Партизан двапати ремизираа во сезоната која македонската репрезентација во црвено и црно ја покори Југославија.

Вардар до таа историска 1987 година предводен од Андон Дончевски на клупата и со плејада извонредни фудбалери, кои ќе бидат носители на првата генерација на ререзентативци на независна Македонија имаше освоено само еден Куп на СФРЈ од 1961 година, а по распадот на бившата држава, црвено-црните освоија уште десет титули во македонскиот шампионат и пет купови, а лани напишаа историја како прв македонски клуб што играл во групна фаза во едно европско натпреварување (Лига Европа).