Ново коло-нова борба, скопска пресметка и една дилема - ќе победи ли еднаш и Пелистер?
Битолчани по осум рунди немаат триумф, имаат три ремија и само три бода и се последни, па сега им доаѓа претпоследниот Тиквеш, осоколен после убедливите 3-0 со Македонија ЃП и веројатно за пелистерци ова е последна шанса да фатат барем некаков приклучок со ривалите за опстанок зашто на средина од есенскиот дел со ова мизерно бодовно салдо, само може да најават дека се први кандидати за испаѓање.
Ако Пелистер одигра како последните половина час со Работнички, кога во Скопје тотално ги надиграа дебармаалци и на крајот си заслужија бод, може да се надеваат на тримф, но Тиквеш е далеку од наивен, сега со искуството на Влатко Костов на клупата уште повеќе имаат самодоверба дека може да го освојат „Тумбе Кафе“ и во најмала рака да избегаат од зоната за директно испаѓање.
Втората Ренова, која лани на пенали и низ иглени уши се спаси од испаѓање во Втората лига игра како препородена досега, па има идентично бодовно салдо како и лидерот Шкупи, па сега „гипсарите“ доаѓаат на исклучително жесшко и тешко гостување во Ѓорче Петров против Македонија ЃП, која влезе во сериозна криза со три порази во низа и ужасна гол-разлика во изминатиов период 1-9.
За да излезат од кризата на „лавовите“ ќе им треба победа, но Ренова го има моментумот со три победи од кои последните две против исклучително незгодни ривали како Струга Трим Лум (1-0) и Брегалница (5-2), па за очекување е многу интересен и неизвесен меч во кој нијанси ќе решаваат за бодовите.
Второто дерби денеска е во Штип, каде Брегалница ја пречекува незгодната Струга во меч на кој и двата тима ќе атакуваат и ќе ги посакуваат трите бода, а како и во Ѓорче Петров за очекување е пресметка со многу тактичко надмудрување и цврста дефанзива, а нијансите и грешките на противникот да го решаваат мечот.
Актуелниот првак Шкендија откако се извади на охридкото крајбрежје со бодот против Струга, сега го чека Борец во овид повторно да се врати на победничкиот колосек и тетовци се апсолутни фаворити, зашто велешани не се во најсјна форма и имаат три порази на последните четири меча, па се трети одзади на прволигашката табела.
На Автокоманда, Скопје ја пречекува Академија Пандев во пресметка на која струмичани ќе бараат враќање на победничкиот колосек, а „пиратите“ нови бодови за евентуално да излезат од црвената зона за баражот пред двонеделната пауза за мундијалските квалификации.
Дербито Шкупи – Работнички ќе се одигра утре од 15 часот со што ќе биде заокружено ова деветто коло во прволигашката конкуренција, а оваа пресметка би требало да донесе и најмногу возбудувања зашто играат првиот и третиот во моментов на табелата, а може и да решава кој мини-паузата ќе ја дочека како лидер.
ПРВА ЛИГА, 9. КОЛО
ДЕНЕСКА, 15 ЧАСОТ
Брегалница – Струга Трим Лум
Македонија ЃП – Ренова
Пелистер – Тиквеш
Скопје – Академија Пандев
Шкендија – Борец
УТРЕ, 15 ЧАСОТ
Шкупи – Работнички
ТАБЕЛА: Шкупи 17 бода, Ренова 17, Работнички 15, А. Пандев 14, Струга ТЛ 13, Шкендија 11, Брегалница 10, Македонија ЃП 9, Скопје 8, Борец 7, Тиквеш 5, Пелистер 3