Нови две засилувања во Вардар - Бразилецот Јуфо и Австралиецот Талески

Откако во Вардар дојдоа Филип Најдовски и Дарко Мицевски, како први две засилувања во овој летен преоден рок, најтрофејниот македонски клуб денеска промовираше уште двајца новајли – Бразилецот Виктор Јуфо и макеоднскиот Австралиец, Алекс Талески.

Јуфо во Вардар доаѓа од албански Фљамуртари, а тој е поранешен фудбалер на Шкендија. Со Вардар потпишува двегодишен договор и тој е засилување за средниот ред од теренот.

„Очекувам сè најдобро во новата средина, да дадам сè од себе за тимот да бележи само успеси. Среќен сум што сум тука и се надевам дека брзо ќе се наметнам во новиот клуб. Од сегашниот играчки кадар, познавам неколку играчи од Вардар, сум играл против нив во минатото. Знам што се очекува од Вардар, тимот секогаш оди на највисокото место на табелата, се надевам дека ќе успееме да дојдеме до титулата, и до успешни настапи и резултати во Европа“, рече Јуфо за клупската интернет-страница.

Јуфо беше на воведниот собир на црвено-црните во понеделникот, а како што и претходно беше најавено, во Вардар доаѓа и талент од Австралија. И Талески, како и Јуфо потпиша двегодишен договор, со опција да биде продолжена соработката за уште една година. Тој е офанзивен фудбалер за врска и е роден на 17 јуни 2000 година.

„Желбата да играм за Вардар е голема, сакам да се наметнам кај тренерот и да играм за овој клуб. Се надевам дека ќе имам само успеси во иднина и дека следната сезона ќе ја завршиме како првопласирани во првенството. Исто така посакуваме да имаме успешен настап во квалификациите за Лигата на Европа. Прво ќе треба добро да се подготвиме во следниот период, а ќе сториме се следната сезона да ја вратиме шампионската титула. Јас и во пролетниот дел тренирав со екипата, одлично сум прифатен од соиграчите и мислам дека нема да ми треба многу време за адаптација. Сега останува на мене да ја оправдам довербата и укажаната шанса да бидам дел од овој клуб“, рече Талески по потписот на договорот.