Напаѓач од Брегот на Слоновата Коска ја засили Шкендија

Поранешниот македонски шампион Шкендија објави дека се засили со 29-годишниот Дауда Карамоко Бамба, напаѓач од Брегот на Слоновата Коска.

Во Тетово, тој доаѓа од турскиот второлигаш Умранијеспор каде ја помине последната сезона. Одигра само три натпревари, сите на почетокот на сезоната, против Генчлербирлиги, Гестепе и Сакаријаспор и за вкупно 182 минути не успеа да постигне ниеден гол. Со Шкендија, Бамба постигна договор на две сезони.

„Им благодарам на сите за гостопримството и навистина сум среќен овде. Кога стигна понудата, малку истржував и дојдов до заклучок дека се работи за клуб со високи амбиции, а и пријателите во фудбалот ми кажаа убави работи за Шкендија и Тетово. Се надевам дека ќе им овозможам убави денови на сите овде“, изјави Бамба.

Пред Умранијеспор, Бамба играл за норвешките клубови Конгсвингер, Кристијансунд и Бран, турскиот Алтај и бугарската ЦСКА Софија. Најдобар ефект имал во Кристијансунд каде на 105 меча постигнал 43 гола.