Најзвучното засилување на Вардар од трибини го гледаше поразот во Струга

Вардар го запиша вториот пораз сезонава во Првата лига, откако загуби на гостувањето кај Струга (0-1), а големо внимание привлече тоа што најзвучното засилување на шампионот, Жерсон Родригез не беше дел од составот.

Родригез се појави во Струга, но не да им помогне на соиграчите на теренот, туку на трибините на стадионот од каде што немоќно го гледаше поразот на „црвено-црните“.

Засега не е позната причината поради која Родригес бил надвор од екипата, но познато е дека фудбалерот има бурно минато зад себе, па наскоро се очекуваат повеќе детали за неговото отсуство.

Родригез има досие на проблематичен фудбалер, а тоа го потврдува и инцидентот од 2022 година кога во алкохолизирана состојба ја истепал поранешната девојка. Потоа бил пријавен и добил условна затворска казна од 18 месеци, по што следела и суспензија од репрезентацијата. Тоа не му е единствен инцидент затоа што неколку години претходно, односно во март 2019 година нападнал непознато лице пред ноќен клуб и му нанел тешки повреди, по што морал да плати 90.000 евра отштета.

Поранешниот репрезентативец на Луксембург беше најавуван како големо засилување на шампионскиот Вардар, кој имаше големи амбиции и во Европа, но засега Родригес не покажа ништо значително на теренот.