Надежите на Работнички го освоија кадетскиот Куп на Македонија

Надежите на скопски Работнички ги прегазија врсниците на Шкендија со 4-0 во кадетското куп финале и го освоија пехарот во денешната завршна пресметка на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во комплексот куќа на фудбалот.

После триумфите на Кул Здравје во конкуренција на помлади петлиња и на Вардар во конкуренција на петлиња, Работнички е третиот освојувач на куп пехар во младинските категории. Дебармаалци можеа и уште поубедливо да слават во финалето, ако ги искористеа своите шанси.

Давид Тошевски во 19-та минута го отвори резултатот, а Димитар Тодоров до полувремето (34-та минута) ја дуплираше предноста, по што во вториот дел кога полека се надѕираше триумфот, Николај Мелов во 54-та и Дамјан Масески во 78-та ставија печат на убедливиот триумф.

За Шкендија ова е второ загубено финале во младинска конкуренција во Купот, по вчерашните 0-2 на петлињата од Вардар, а попладнево се игра финалето во младинска конкуренција во која освојувачот на двојната круна од Тетово ќе се соочи со Вардар.