Аматеризмот на Вардар: Го најавија Муслиу со тригодишен договор, а тој бил – аматер!
Муслиу требаше да биде иднина на Вардар, црвено-црните пред седум месеци го најавија како суперзасилување со тригодишен договор, но откако стоперот одигра одлично за македонската репрезентација во изминатиот пероиод, како и за Вардар во историската сезона со настапот во Лига Европа тој практично по една полусезона си заминува и тоа – без обесштетување.
Причина? Муслиу, кој престана да доаѓа на тренинзите на Вардар, имал аматерски договор со клубот, па со тоа во секој момент може да си замине. Фактот дека за него постои сериозен интерес од Унгарија и од Кипар, како што се најавува, повеќе од извесно е дека стоперот ќе се реши да направи трансфер по само шест месеци во Вардар. Муслиу ќе биде вториот македонски репрезентативец по Бобан Николов што ќе замине од македонскиот шампион. Николов треба наскоро да го официјализира трансферот во Видеотон.
Останува нејасно, како клуб кој има сериозни амбиции, кој три години во низа е првак, кој напиша историја со европскиот настап во групни фази да направи таков аматерски потег и на еден од најголемите таленти да му даде аматерски договор, особено што според специјализираните страници за трансфери, вредноста на Муслиу постојано расте, па моментно таа изнесува 600 илјади евра.