
Милојевиќ: Средбата со Вардар буди носталгија – време е за нова југословенска лига!
Тој потенцира дека оваа средба пробудила носталгија кај него.
„Сите ја носиме таа идеја во себе и верувам дека многумина би сакале повторно да видиме регионална лига. Јас лично гледав некои од тие натпревари, мојот брат играше за Црвена звезда, а и Вардар ми е добро познат клуб. Оваа средба буди многу емоции и носталгија“, изјави Милојевиќ по натпреварот, потенцирајќи ја блискоста и ривалитетот меѓу клубовите од Балканот.
Натпреварот во Скопје се одигра со хуманитарна цел – во чест на жртвите од трагедијата во Кочани. На националната арена „Тоше Проески“, по 30 години, белградскиот гигант повторно се соочи со македонскиот великан Вардар, во атмосфера полна со емоции и симболика.
„Сакам да изразам сочувство до семејствата на загинатите и да се заблагодарам на сите што го поддржаа овој настан. Голема благодарност до нашата управа која го прифати предлогот на легендите Дарко Панчев и Илија Најдоски“, додаде Милојевиќ.
Тој се осврна и на моменталната состојба на Вардар.
„Клубот поминува низ тежок период, но има навивачи, има традиција и полека се враќа. Вакви натпревари покажуваат колку овој регион има фудбалска душа“, дополни тренерот на црвено-белите.
Иако не сакаше да шпекулира дали и кога би се реализирала идејата за регионална лига, Милојевиќ беше дециден.
„Тоа не зависи од мене, но јас сум за. Ваков тип на натпревари се вистинско освежување и сеќавање на едно посебно фудбалско време“, заврши тој.