Лозана пресуди: Вардар нелегално го земал Максимов!

Трансферот на рускиот напаѓач Максим Максимов во најтрофејниот македонски клуб Вардар бил неправилен, реши Арбитражниот суд во Лозана (КАС) после жалбата на Русинот откако му беше изречена четири месечна суспензија, а Вардар доби забрана за трансфери во два преодни рокови. Литвански Ритераи, екс-Тракаи, ја објави победата во случајот после три години битка за правда.

Максимов во Вардар дојде на последниот ден од преодниот рок во 2017 година, по што Тракаи се жалеше дека биле изиграни и дека не можеле да го откупат за 50.000 евра колку што платија за активирање на клаузула за слобода од договорот. Тракаи, сегашен Ритераи се пофали со одлуката како доказ дека биле во право околу нелегалниот трансфер.

„За мене како човек кој инвеситира во фудбалот оваа одлука е многу важна, но не само за мене, туку и за сите во клубот. Ова е порака за сите мали клубови со големо срце, на кои некогаш правдата ќе им се врати. Јас сакам да посочам дека ние се обидовме да го решиме случајот за да не дојде до ваква ситуација, се обидовме да преговараме, но немаше одговор од другата страна“, изјави Јан Невоина после три години борба за да извојуваат победа.

Вардар веќе ја одлежа суспензијата, воопшто не ни тргна да се жали во Лозана за казната за трансфери, но поразот во случајот само потврди дека клубот има ужасна управа. Дури зимоска во Вардар беа убедени дека Максимов ќе го добие случајот пред КАС, а со тоа на црвено-црните ќе им се ублажи казната за да може да купат некој фудбалер, ама за сиот тој аматеризам сега добија само една голема шлаканица.