Кривични пријави за навивачите на Тиквеш кои нападнаа полицаец во Штип (ВИДЕО)

Вчерашната жестока навивачка пресметка во Штип, во пресрет на второлигашкото дерби помеѓу Бегалница и Тиквеш, денеска се најде и во билтенот на Министерството за внатрешни работи (МВР), каде што детално го опушуваат настанот и информираат дека најмалку двајца се соочуваат со санкции.

Според објавеното, против двајца навивачи на тимот од Кавадарци е поднесена кривична пријава поради напад на полицаец, а воедно се идентификувани 17 учесници во овој инцидент против кои ќе бидат поднесени соодветни пријави.

„На 28.11.2020 околу 13.20 часот на ул. „Борис Кидриќ“ и ул.„Партизанска“, кај кружниот тек во Штип, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу навивачките групи на ФК Брегалница од Штип и ФК Тиквеш од Кавадарци.

Полициски службеници кои вршеле службени дејствија со намера да го спречат нарушувањето презеле соодветни дејствија. При тоа полициски службеник од страна на Н.Д.(20) и Х.Ѓ.(21) двајцата од Кавадарци бил нападнат со тврд предмет и со пиротехничко средство.

Против Н.Д. и Х.Ѓ. ќе биде поднесна кривична пријава за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“ по чл.383 ст.1 од КЗ. Од страна на полициски службеници од СВР Штип и СВР Велес - ОВР Кавадарци се преземени координирани мерки при што до сега е утврден идентитетот на 17 учесници во овој настан.

Лицата се повикани на информативен разговор во службените простории, а се преземаат мерки за утврдување на идентитетот и на останатите учесници во настанот. По целосно документирање и против останатите инволвирани ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, стои во билтенот.

Натпреварот меѓу Брегалница и Тиквеш заврши со два гола, ама без победник (1-1).