Сокри ли ФФМ важна информација за да го истурка најглупавиот систем за доигрување?

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) реши со најглупавото можно сценарио да ја доигра сезоната во која ќе се игра плејаут, но нема да има испаѓање, што предизвика сериозни реакции околу сето тоа, па дел од клубовите кои се противат и јавноста веќе посочија дека станува збор за сценарио по кое треба да им се угоди на два клуба со ваквото доигрување.

ФФМ во изминатиов месец постојано потенцираше дека имаат два рока, 25 мај за да ја известат УЕФА дали и на кој начин ќе играат, а вториот 20 јули како краен рок за завршување на сезоната. Арно ама, по се изгледа 20 јули не е краен рок туку - 2 август. Ако се суди според изјава на висок челник од Босна, рокот за завршување на лигите од „малите земји“ поради пријавите за европските летни натпреварувања во квалификациите, сепак не е 20 јули, туку две недели подоцна.

„Клучен рок до кога мора да се заврши сезоната е 2 август, посебно тоа се однесува на лигите чии клубови учествуваат во квалификациите за европските натпреварувања“, вели Елмир Пилав, директорот за спорт при Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина и дел од Извршниот комитет на сојузот на синоќешно гостување на босанската телевизија „О Каналот“.

Сега се поставува прашањето дали во ФФМ знаеле за ова и свесно ја криеле информацијата? Или пак поради својата неспособност и нестручност, воопшто не разбрале што е препорака, а што краен рок.

Ова зашто, во писмото што првиот човек на Лион, Жан Мишел Ола, лут откако Франција го прекина првенството, а неговиот клуб извиси за ЛШ, објави писмо од УЕФА во кое претседателот Александер Чеферин посочува дека термините за крај на сезоната (како тој 20 јули) не се утврдени, туку дека тие што беа посочувани низ видео-конференциите биле само ПРЕПОРАКИ. Оставен бил простор за некое мало пролонгирање, знаејќи во Нион дека секоја земја има различна епидемиолошка слика во борбата со Ковид-19, а од интерес првенствтата да се одиграат и спортскиот успех да биде вреднуван за Европа.

Зошто ФФМ би го криела можниот краен рок за завршување на Првата лига?

Завршувањето на сезоната на 2 август практично би го урнала целиот концепт на ФФМ за доигрување на сезоната по ова смислено глупаво сценарио и во вода ќе им паднеше планот и алибито дека поради Купот на Македонија, нема термини да се доигра плејаутот, а со тоа да има испаѓање. Две недели подоцнежен завршеток значи дека има три термини за одигрување на мечевите во плејаутот по нормален план двокружно, наместо сегашниот бесмислен еднокружен систем од три меча за семки и кикирики.

Ваква информација практично ќе го ставеше ФФМ во позиција да не може да нуди три решенија кај клубовите, туку само два – дали ќе се игра нормално и со скратен систем (плејоф и плејаут) по што ќе има и испаѓање или воопшто нема да се игра. Плус, ФФМ ќе требаше да смисли (ако воопшто се кадарни) и како да се доигра Втората лига, за спортски да се обезбеди промоција во елитата, ама...

Во таква ситуација, тешко дека клубовите ќе прифатеа доигрување (особено тие што се „кандидати“ за испаѓање, без актуелната сигурност за опстанок секако немаше да ризикуваат), па првенството ќе требаше да се прекине. И со таков прекин ќе исчезнеа сите шанси за некаква циркузијата, со задскриени намери со една цел - да им се угоди на некои клубови поради „политичко-бизнис“ релации. Уште повеќе ФФМ ќе беше ептен во тесно пред УЕФА, за да напише оправдание, зошто неможе да се доигра сезоната.

Ама наместо тоа, ФФМ смислено или не го истурка 20 јули како краен рок, а сето тоа поради подоцнежен старт (термините се помеѓу 14 и 21 јули) си склопи и алиби со Купот, за да има сценарио што најголем дел од клубовите ќе го прифатат, да играат без да испаднат, а да се даде шанса за жестока битка за Европа на засегнатите клубови и шанса тие на кои треба да им се угоди, да добијат можност да се изборат за еврата од Нион.

Според образложението од ФФМ, плејаут без испаѓање има од причина што „можеби клубови кои ќе се борат за опстанок“ треба да го одиграат полуфиналето (еден меч) и евентуалното финале, а Купот плус вади една виза за Европа. А, термини во таква ситуација нема. Иако со поинаков пристап и организација на календарот, можеше да се доигра нормално сезоната, зашто за плејаут и испаѓање, како и за доигрување на Втората лига, УЕФА секако немаше да прави проблеми со термините дури и да го надминеа тој фамозен 20 јули.

Вака, вчера УО си го истурка сценариото за скратена сезона со плејаут без испаѓање, си го зголеми првенството за две екипи, со награда за Беласица и Пелистер како првопласирани за промоција од Втората лига која нема да се доигра, ама да фарсата биде поголема, ќе се организирале баражи кај третолигашите за пополнување на Втората лига. И ако некој успее да најде логичност во ова – треба да добие „нобелова награда“. Во ФФМ одамна фудбалот никогаш не им бил според мотото „на прво место“, туку ситните интереси на раководството и шемите со политичка-бизнис заднина, во кои одамна се заглавени.