Комити се мобилизираат: Да ја распродадеме Арената за Пелистер, иако нема да сме на трибини!

Во ек на најголемата криза на најтрофејниот македонски клуб Вардар, најверните навивачи Комитите започнуваат своја акција со цел да му се помогне финансиски на клубот, па прв потег ќе биде да се распродаде комплетно Националната арена „Тодор Проески“ за „екл класико“ со Пелистер, иако публика ќе нема на трибините.

Комити денеска ги повикаа масовно своите членови да купуваат билети, кои ќе бидат со цена по 100 денари, со цел само од дербито со битолчани во клупската каса да влезат 50-на илјади евра, ако успеат да го распродадат целиот стадион. Нешто вакво веќе пет меча по ред го прават навивачите на Динамо Букурешт, кои ги купуваат влезниците за мечевите на својот миленик, иако не смеат да влезат на стадионот поради забраната за групирање во оваа пандемија со коронавирус.

Вардар преживува тешки денови, па во претстојнава недела после серија на состаноци најдено е решение за спас, во кое учествуваа и навивачите, за да се избегне комплетната пропаст и тимот да ја доигра сезоната во која влегува од петтото место после есенскиот дел од сезоната.

Целото соопштение на Комити ви го пренесуваме во целост.

„Секој од нас бил во ситуација да не е еден од оние среќници кои дошле до карта да бидат покрај нашиот Вардар на важен, историски натпревар. Имало и ситуации кога не сме биле покрај Вардар поради ограничен капацитет, скапи карти, визи, болест, работа, радосни моменти, трагедии...

Ако сме искрени, најголемиот дел од нас не биле покрај Вардар и кога немало никакви изговори, кога зјаел празен Градски иако сите услови ни биле достапни. За секоја критика сме поради тоа...

Во ситуацијава во која се наоѓаме, субјективно гледано немаме директен удел, но во реалноста имаме поради пасивноста на поголемиот дел од нас, и неможноста да се прилагодиме на новонастанатата ситуација по распадот на старата држава, неатрактивноста на првенството и навивачките дуели.

Вистинските навивачи се покрај својот клуб без оглед на тоа кој е противник, кога, каде и под какви услови. Со секој натпревар Вардар а и ние сме побогати за ново искуство, дружба, забава, тага, радост...

Судбината понекогаш знае да си поигра со нас, па така на најважниот натпревар во историјата на нашиот Вардар, ни поставува задача да го наполниме Градски, а иронично, притоа да не бидеме физички присутни на трибините.

Капацитетот на нашиот Градски е 36.500 седишта.

Очекуваме сите да го дадеме својот придонес и барем виртуелно да го исполниме цел стадион на еден натпревар. Еден натпревар кој ќе ја продолжи надежта на краток рок, но на долг рок ќе биде врежан со печатот на вечноста.

Еден натпревар на кој ќе бидеме отсутни а истовремено нашата присутност ќе се почувствува како никогаш предходно.

Прв домашен натпревар е вечното дерби на Македонија, Вардар - Пелистер закажан за 14.02.2020г.

Доста беше седење на страна и коментирање - ова е шанса конечно сите заедно да бидеме еден - СПАС ЗА ВАРДАР ! Друга опција не е во игра...

Еден билет ќе кошта 100 ден.

Време е на дело да покажеме колкава е нашата љубов кон Вардар

Ќе има инструкции многу скоро...“, објавија Комити.

Секој од нас бил во ситуација да не е еден од оние среќници кои дошле до карта да бидат покрај нашиот Вардар на важен,...

Posted by Komiti Skopje on Saturday, January 23, 2021