Како ФФМ го прошверцува Шкупи во Лига Европа (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) минатиот петок ги објави четирите клуба кои ќе ја претставуваат земјава во летните евроквалификации во Лигата на шампионите и Лига Европа, но најспорна од сите беше одлуката за како Шкупи доби „виза“ за излез на меѓународна сцена и сигурни 240.000 евра премија од УЕФА.

ФФМ поради недоделувањето на лиценца на Вардар го пријави Силекс како втор во квалификациите за ЛШ, а покрај Шкендија и Ренова, кои беа трети и четврти на табелата, Шкупи доби виза со петтото место, од причина што нема сезонава победник на Купот. Но, најспорно од се е зошто Шкупи добива излез на меѓународна сцена, а не Македонија ЃП, која во меѓусебен дуел при ист број на бодови е подобра во меѓусебниот дуел. Шкупи има подобра гол-разлика (28-28) во однос на „лавовите“ (24-28).

Но, ФФМ најде начин за да го прошверцува Шкупи со подобра гол-разлика зашто табелата до прекинот и оваа сезона всушност била – замрзната. Така се повикале фотелјашите на членот 106 од правилникот за натпревари, а не на членот 107 од истиот правилник.

Според членот 106, редоследот на пласман на табелите во натпреварувањата на ФФМ се одредува според освоени бодови, победи... и ако има два клуба со исто салдо – со подобра гол-разлика.

Но, членот 107 во кој е јасно наведено дека во случај на плејоф или плејаут, избор на тим за место во Европа решава меѓусебниот дуел.

Збрката е што ФФМ практично не го прогласува првенството за завршено, па така измислија начин за чаирчани да излезат во Европа, нешто за кое веќе два месеци како сценарио се најавуваше низ фудбалската чаршија.

„Управниот одбор утврди дека редоследот на екипите на замрзнатата табела во Првата лига е утврден преку подобра гол-разлика и во согласност со членот 106 од правилникот за натпреварување на ФФМ. УО констатира дека екипите кои се наоѓаат на петтото (Шкупи – н.з.) и шестото (Македонија ЃП – н.з.) на табелата имаат ист број на бодови и местото што го заземаат се должи на подобрата гол-разлика. УО утврди дека во услови на замрзнување на табелата не е исполнет условот за примена на исклучокот од членот 107, каде се упатува на утврдување на пласманот во натпреварување на УЕФА. Условот за примена на овој исклучок е првенството да биде завршено и сите меѓусебни и предвидени средби да бидат одиграни и регистрирани за да се изготви конечна табела. Од истите причини, УО со одлуката на 4 јуни одреди да нема испаѓање од лигата“, стои во образложението.