Јаневски: Тешко е на ваков терен против екипа која се брани, но покажавме победнички менталитет

По нерешениот исход од првиот дуел (1-1), екипата на Вардар денеска го совлада Шкупи со 2-0 на реваншот и така обезбеди пласман меѓу осумте најдобри во националниот Куп.

На не така добри услови за игра и против екипа која повеќе мислеше како да се одбрани отколку како да нападне, избраниците на Чедомир Јаневски со головите на Николов и Максимов ги решија сите дилеми на средбата, а тренерот на тимот е задоволен од настапот на неговите избраници.

„Сите честитки за фудбалерите, затоа што на четири натпревар издвојувавме три победи и еден нерешен натпревар. И тоа во месец кој е многу тежок за играње. Фудбалерите беа максимално ангажирани, фокусирани и ментално одлично подготвени. Во период кога сите останати екипи се на одмор, тие тренираа далеку подолг период, и на ваков терен покажаа победнички менталитет. Што се однесува до самиот меч многу е тешко да се гради игра кога имате противник кој има дефанзивна формација. Не сакам никој погрешно да ме разбере, секој си има своја филозофија и стратетија. Во вториот дел бевме далеку подобри, создадовме шанси, постигнавме голови, и сметам дека заслужено одиме понатаму. Сега ни останува прво да се одмориме од оваа напорна полусезона, а потоа да се подготвуваме за пролетниот дел од првенството“, изјави Јаневски после денешниот дуел против Шкупи за официјалниот сајт на ФК Вардар.