Георгиев за спасот на Вардар: Сè уште сме далеку, ама се надевам дека ќе се заврши работата!

Бугарската ѕвезда Благој Георгиев кој преговара за преземање на најтрофејниот макеоднски клуб во име на конзорциум на компании од Источна Европа за бугарската „Нова“ го потврди сериозниот интерес за преземање на црвено-црните, но не објави конкретни детали до каде е целата работа.

Георгиев во изминатава недела веќе имаше состанок со извршниот директор на Вардар, Самоил Симев во еден скопски ресторан, каде присуствувал и поранешниот македонски ракометен репрезентативец Наумче Мојсоски, а бугарската легенда ги посетил и тренинг-кампот и Академијата на клубот. Бившиот бугарски репрезентативец посочи дека Вардар е многу интересен, зашто е најпопуларен клуб, со армија навивачи и со инфраструктура во која можело да се направат големи нешта.

„Многу од моите пријатели во Македонија ми кажаа за традицијата на Вардар. Вардар е нешто што се Левски и ЦСКА Софија тука во Бугарија. Тоа е најпопуларен тим, со многу навивачи, а веќе се запознав со некои од нив, со раководството, ги видов стадионот, базите и можам да кажам дека може таму да се направат многу добри работи. Јас не сакам да зборувам за нешто кое не е завршено, сè уште не е ништо готово, ама се надеваме дека работата ќе се заврши. Јас со моите партнери сакаме да помогнеме“, вели Георгиев за „Нова“.

Тој повеќе од година ипол се поврзува со Вардар, зашто уште во летото 2018 година, кога првпат Сергеј Самсоненко најави повлекување од Вардар, беше во Скопје како претставник на Украинци. Сега повторно се актуелизира неговото влегување во најтрофејниот македонски клуб, овојпат како претставник на конзорциум на компании од Источна Европа, а уште во март годинава најави дека е во преговори со клуб од соседството, кој игра во Лига Европа, за да го преземе раководењето.