ФФМ ќе добие 400 тестови од Институтот за јавно здравје за тестирања во Првата лига

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе добие 400 тестови на Ковид-19 за да изврши тестирање на сите учесници во Првата лига и истото ќе биде спроведено пред стартот на првенството е еден од заклучоците на денешниот состанок на куќата на фудбалот со клубовите во присуство на главниот епидемиолог д-р Жарко Караџовски.

Институтот за јавно здравје ќе ги обезбеди тие тестови кои ќе мора да се спроведат врз фудбалерите, тренерите и вработените во клубовите, според протоколот што ФФМ го има за продолжение на сезоната, во кој е предвидено секој клуб да има максимални 38 лица кои се вклучени во работата на еден клуб.

ФФМ и клубовите денеска имаат втор состанок на кој треба да се донесе одлука околу рестартирањето на фудбалот и начинот на кој треба да се доигра сезоната, која од оваа перспектива, веќе постави две опции – или ќе се игра по скратен систем или ќе се прекине комплетно првенството.

УЕФА даде рок до 25 мај (понеделник) да добие информација околу продолжувањето на сезоната, па ФФМ ќе мора да одговори на најважното прашање. Ракометот и кошарката, за разлика од фудбалот, веќе ги прекинаа своите првенства и не прогласија шампиони.