Фаворитите по нови домашни победи, Беласица и Победа го фаќаат последниот воз за спас

Трите првопласирани екипи во домашниот шампионат со денешните домашни мечеви од 29-то коло во Првата лига имаат нова шанса со победи да направат нов чекор поблизу до заверување на зацртаната цел, Шкендија на патот кон титулата, а Вардар и Академија Пандев за обезбедување на директните места во Европа. Поради утрешниот прв круг од претседателските избори во Македонија, целото прволигашко коло се игра денеска од 16 часот.

Во ситуација кога на осум кола до крајот, трите најдобри екипи се на пристојна дистанца, завршницата од сезоната полека влегува во фаза во која најинтересно ќе биде во трката за опстанокот, но и за тоа условно четврто место кое би можело да води во Европа, само ако Академија Пандев успее да го освои Купот на Македонија. Денешното коло може да го даде правецот во кој ќе се движи сезонава, баш во делот на битката за тоа четврто место и за опстанокот и на седум рунди до крајот полека да се надѕира комплетната разврска. Или, оваа рунда ќе донесе таква сплетка за возбудувањата допрва да почнат во завршницата од сезонава.

Шкендија има 12 бода пред Вардар и требаат уште 12 за заверка на титулата, а денеска ја пречекуваат незгодната Македонија ЃП, која се бори за европско место, но има и „поправен“ со финалето во Купот. Вардар ја пречекува Ренова со желба да се одмазди за дебаклот во Тетово на стартот на пролетниот дел, кога црвено-црните загубија со 0-4, а со 12 бода повеќе од Работнички кој е четврти, исто како во случајот со тетовци, на скопските црвено-црни им требаат четири победи за заверка на европската позиција.

Академија Пандев го игра струмичкото дерби со Беласица, која во три меча им нема дадено гол на пандевци, а многу повеќе им гори под нозе на гостите, сооглед дека секој бод им е потребен во трката за опстанок. Беласица е на минус четири од Силекс, ги чека меѓусебен меч до крајот, па за да останат во трка за барем бараж за опстанок не смеат да загубат, особено ако кратовци го искористат домашниот терен за да избегата на плус седум.

Победа во Кочани е домаќин на Шкупи, а прилепчани пролетва немаат триумф и сега е една од последните шанси да се вратат во таа игра за опстанокот, сооглед дека имаат и меч помалку Секој нов кикс е нивен нов чекор кон Втората лига, но денеска ќе имаат тешка задача против чаирчани, кои исто така планираат бодови за да останат во битката за четвртото место на табелата.

Жестоко е во таа битка за четвртото место, во кое од четвртиот Работнички до седмата Македонија ЃП разликата е само четири бода. Но, дебармаалци во истуација кога директните ривали како и тие гостуваат, може да исчекорат кон таа позиција со покомотна предност со триумф и киксови на ривалите. Најмногу и зашто Ренова му гостува на Вардар, а „лавовите“ одат на мегдан кај лидерот Шкендија, а плус Шкупи ќе има тешка задача со загрозената Победа.

Сепак, колку што ќе им биде тешко на ривалите, толку и „романтичарите“ ќе се соочат со незгоден ривал, кој се бори за гол прволигашки живот, а Силекс со победа и евентуални порази на Беласица и Победа, практично би стигнале на половина пат за да ги избегнат позледните две позиции што водат директно во Втората лига.

ПРВА ЛИГА, 29. КОЛО

ТЕТОВО: Шкендија – Македонија ЃП

МАЏАРИ: Вардар – Ренова

СТРУМИЦА: Академија Пандев – Беласица

КОЧАНИ: Победа – Шкупи

КРАТОВО: Силекс – Работнички

ТАБЕЛА: Шкендија 63, Вардар 51, А. Пандев 47 (-1), Работнички 39, Ренова 36, Шкупи 36, Македонија ЃП 35, Силекс 28, Беласица 24, Победа 20 (-1).

ФОТО: ФК Академија Пандев