Сејдини уште не се кандидирал, а полтронските ОФС веќе го изгласаа за претседател на ФФМ!?

Изборното Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) кое треба да се случи годинава (нема засега точно утврден термин) ќе биде само уште една обична фарса со веќе познат исход – Муамед Сејдини ќе остане прв човек на македонскиот фудбал, секако, ако државата му дозволи тоа да го направи контра Законот за спорт.

Сејдини, кој две години е претседател, откако го наследи Илчо Ѓорѓиоски после неговото повлекување, најави дека на 3 февруари (среда) ќе се кандидира за претседател на ФФМ и за нов четиригодишен мандат, самл ако на Собранието на Општинскиот сојуз (ОФС) на Кичево ја добие поддршката.

Иако засега нема официјална кандидатура, послушниците и потрчковците во останатите ОФС-а веќе го избраа со поддршката која му ја дадоа после нивните Собранија.

Завчера ОФС Прилеп силно го поддржа Сејдини, а денеска тоа го стори и ОФС Штип, претходно ОФС Битола, ОФС Велес... Практично, делегатите (гласачката машинерија) не ни сочекаа да видат дали во целата фарса на избори во ФФМ, ќе има и друг кандидат, да ја слушнат неговата програма, туку едноставно, изборот е веќе направен, па кога и да се одржи Собранието на најмоќната спортска организација, сето тоа ќе биде чиста формалност.

Само во Кочани, Општинскиот сојуз не се одржа, па не ни избра делегати, зашто најголемиот дел го бојкотираа Собранието, а претставниците на ФФМ потоа „питачеле“ за гласови низ градот, само колку да се одржи истото и да се изберат делегатите.

Но, освен во Кочани, на сите други места, мазно поминуваат Собранијата на ОФС-ата, на кои се избира гласачката машинерија која треба да го додели четиригодишниот мандат на Сејдини.

И затоа не чуди, толкавиот одпор што ФФМ го има кон усогласување на Статутот со Законот за спорт според кој мнозинството делегати треба да го дадат клубовите, ама така веројатно веќе сигурна победа и без кандидатура веројатно ќе нема.

И додека ФФМ си тера како што замислиле, низа клубови веќе го кренаа гласот и се спротивставија на сета оваа фарса, а еден стабилен прволигаш (Борец) веќе ита кон пропаст после заминувањето на спонзорот (Кочо Анѓушев), поради комплетната фарса во фудбалот во Македонија.

Анѓушев најави, и го оствари заминувањето после Собранието на ОФС Велес, на кое истото го посочи како „сценарио за лични интереси со цел да му се обезбеди поддршка на Муамед Сејдини“.

Сето ова и не треба да чуди, Сејдини ќе си тера нов мандат, послушниците во УО ќе лапаат солени паушали и ќе уживаат супер привилегии, а делегатите како гласачка машинерија освен дневница за учество на Собранието, ќе добијат и разно разни функции во комплетната фудбалска структура за сите да бидат среќни и со розови очила да уживаат во „напредокот на македонскиот фудбал“.