Поранешниот македонски првак Работнички освои само бод од скопската пресметка за Европа со Македонија ЃП (2-2) и остана на минус седум од „лавовите“ со што скоро и да ги загуби шансите за тоа трето место, но Струга Трим Лум најмногу се израдува на овој резултат зашто после триумфот со 3-0 против Пелистер се врати во пеколната борба за излез на меѓународна сцена.

Фантастични половина час фудбал се играше на Арената, кога и Работнички и Македонија ЃП ги постигнаа головите, во мечот на кој „лавовите“ со две бразилски мајстории двапати водеа (Робсон во 7-та, Фернандо во 17-та), но браќата Лука и Марио Станковски двапати ги враќаа дебармаалци во мечот, но до крајот Работнички не успеа да стигне до триумф со кој би се вратил во таа трка за излез во Европа.

Но, резултатот од Скопје како по мерка беше за Струга, која го победи Пелистер со 3-0 со трите гола во вториот дел на Скендери, Алтипармаковски и Таири, па стружани сега дојдоа на четири бода од третото место на „лавовите“ и во последните пет кола ќе има жестока пресметка за тоа кој ќе оди во Конференциската лига, зашто едно место е резервирано за Силекс или Академија Пандев преку Купот, додека Шкендија е на чекор до титулата и до квалификациите во ЛШ, а Шкупи со денешниот триумф во Велес и осумте бода во однос на стружани со една нога е пред промоција за европретставник на Македонија.

ПРВА ЛИГА, 28. КОЛО

Струга Трим Лум – Пелистер 3-0 (0-0)

Скендери 56, Алтипармаковски 82, Таири 86

Работнички – Македонија ЃП 2-2 (2-2)

Л. Станковски 11, М. Станковски 30 – Робсон 7, Фернандо 17

Борец – Шкупи 0-1 (0-0)

Нето 79

Беласица – Шкендија 0-3 (0-2)

Хебај 26, 54, Нафиу 41

Академија Пандев – Вардар 3-0 (3-0)

Радески 14 п., Крстовски 28, Стоилов 34 п.

ВЧЕРА

Ренова – Силекс 2-1 (2-0)

Шефити 12, Јусуфи 38 – Галевски 90

ТАБЕЛА: Шкендија 65, Шкупи 52, Македонија ЃП 48, Струга Трим Лум 44, Работнички 41, Пелистер 35, А. Пандев 34, Борец 33, Ренова 31, Силекс 29, Вардар 28, Беласица 17.