Еден од најкриминалните пенали денеска е досуден во Прилеп! (ФОТО)

Силекс го освои денеска Прилеп, славеше убедливо со 4-1 против Победа, која грчевито се бори за опстанокот, ама мечот го одбележа најкриминално досудениот пенал, кој го реши мечот, а во корист на кратовци.

Ваква историска срамота не е видена во Македонија, па повторно се поставува прашањето која е поентата да се игра фудбал со вакви трагикомедии. Ако за ова се суди пенал, за да им се угоди на некои екипи, подобро е Прва лига и да не се игра и да се распушти. И онака, тие што се „многу амбициозни“ нѐ бламираат во Европа, па 52-то место на УЕФА листата од 55 земји е најдобар доказ за тоа.

Победа имаше 1-1 на 21 минута пред крајот откако Силекс поведе преку Милосављевиќ во десетата минута, а израмни Василие Делибашиќ во 65-та минута и потоа се случи циркусот. Четири минути по израмнувањето, дебитантот на Силекс, Александар Катаниќ упати топка кон шеснаесетникот, а таа го урди Оливер Стомнарски во рака. Само што дефанзивецот на прилепчани беше надвор од шеснаесетникот.

И, судиите свирнаа на белата точка. Кумуваше помошникот Куштрим Лика, кој стана славен со недосуден чист гол на Вардар на едно дерби со Шкендија на Маџари пред пет-шест години, а Александар Гјујоски веднаш свирна пенал. Катаниќ го погоди пеналот за свој прв гол од трите шти ги даде и ја скрши Победа.