Двојно славје за Брегалница и Скопје – ем победија, ем главните ривали загубија

Брегалница и Скопје го зацврстија водството на табелите во двете втори лиги после денешните нови победи и големи киксови на главните ривали во оваа сезона во трката за директен пласман во Првата лига за следната сезона.

Штипјани со 3-1 во источната група славеа во Кочани кај Осогово, искористувајќи го огромниот кикс на Тиквеш кој дома беше распарчен од братскиот клуб на штипјани Кит Го, кој триумфираше со 4-1. Двата лидери во Втората лига сега се на чекор до есенска круна, на три кола до крајот и имаат пет односно шест бода повеќе од главните противконкуренти.

Брегалница во првото полувреме ја заврши работата за победата, иако по 19 минути игра се најде во негатива кога Александар Неданоски погоди за водство на кочанци, но следеше брза канонада за 19 минути, која ја започна младинскиот репрезентативец Кристијан Ацковски минута по примениот гол, па следуваа погодоци на Ристе Наумов во 36-та и на Љупче Кудев во 39-та минута.

Тиквеш загуби со 1-4 и тоа во завршните пола час од мечот, кога примија три гола, после нерешените 1-1 на полувреме, па Алексовски, Ступиќ и Јусуф ги шокираа кавадарчани, на радост на штипска Брегалница која сега има пет бода повеќе на табелата.

Скопје до 20-та минута веќе имаше водство од 2-0 со головите на Изет Ајрулаху и Владимир Жоглев против Охрид Лихнидос, па до крајот гостите само успеаа да ја намалат предноста, ама не и да се изборат за реми, после голот на Дарко Цветаноски во 57-та минута и на најдобар начин „пиратите“ го искористија киксот на Гостивар кај Велешта (0-2) за да избегаат на плус шест на табелата.

ВТОРА ЛИГА, ИСТОК: Тиквеш – Кит Го 1-4, Осогово – Брегалница 1-3, Кожув – Слога Виница 0-0, Плачковица – Победа 0-0, Каменица Саса – Росоман 5-0
ТАБЕЛА: Брегалница 35, Тиквеш 30, Кожув 19, Кит Го 18, Слога Виница 17, каменица Саса 15, Осогово 13, Победа 13, Росоман 8, Плачковица 7.

ВТОРА ЛИГА, ЗАПАД: Скопје – Охрид 2-1, Вардар Форино – Кораби 0-1, Влазерими – Кадино 1-0, Дрита – Тетекс 0-0, Велешта – Гостивар 2-0
ТАБЕЛА: Скопје 30, Гостивар 24, Велешта 23, Кораби 21, Влазерими 19 (-1), Охрид 19, Кадино 14, Вардар Форино 12 (-1), Дрита 7, Тетекс 7.