До кога желбите на поединците се поголеми од интересот на навивачите?

Екипата на Гостивар за денешната пресметка со Вардар неочекувано го одбра стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, а набрзо потоа ја информира јавноста дека средбата ќе се игра без публика што предизвика револт пред се кај навивачите на црвено-црната чета.

Припадниците на полициската специјална единица денеска се погрижија трибините да останат празни, па никој освен членовите на управите на двата клуба не можеше да ја проследи во живо големата борба на фудбалерите на двата тима. Крајниот резултат беше 1-1, а по средбата со остро соопштение се јавија „Комити“.

„Не е повеќе прашање зошто, туку КОГА еднаш засекогаш ќе се застане на патот на самоволието, кое повеќе од 30 години, во континуитет го разорува македонскиот клупски фудбал? Празни трибини и полна ложа. На тоа ли се сведува денес ПМФЛ? На полициски кордони чија единствена цел е - стадионот да остане празен? На желбите на поединци поголеми од интересот на навивачите? На башибозукот кој се наметнува како правилен принцип на функционирање или на постојаното летање во место, кое со децении го пеплосува мак фудбалот... Неколку стотина членови на групата, денес без разлика на дождот и на фактот дека нема да присуствуваат на натпреварот, сепак се упатија кон стадионот. Свесни бевме дека нема да влеземе, но исто така мора да се свесни СИТЕ кои стојат зад овие апсурдни одлуки, дека Комити никогаш нема да се откажат, ниту да потклекнат пред истите. До коска за Вардар! Упатуваме поддршка до фудбалерите на теренот, за храбрата игра, како и до стручниот штаб. Заедно до целта!“, напишаа најверните навивачи на Вардар.