Дербито во Штип, Работнички година ипол не ги победил Пандевци

Пресметката на двата прволигаши со европски амбиции во Штип, Брегалница против Струга Трим Лум предводена од Бесарт Ибраими денеска (17 часот) е дербито на второто коло во Првата лига, во кое македонскиот првак Шкупи вчера ја запиша првата победа, а главниот ривал за круната Шкендија денеска ќе се обиде победнички да стартува во меч на кој е апсолутен фаворит против Силекс.

Во минатата сезона, штипјани и стружани одиграа три до крај израмнети мечеви во кои нијанси решаваа за по една победа во сезоната, а еден меч одиграа нерешено, па сооглед на високите амбиции за новата сезона, пресметката под Исарот во ова второ коло е дерби особено што победнички двата ривали тргнаа во минатото коло. Брегалница славеше кај вицепрвакот Академија Пандев (2-1), а Струга на крилата на Ибраими ја сомле Победа (3-0).

За очекување е меч на кој повторно нијанси ќе одлучуваат, но и меч со голови зашто и двата тима имаат пристап да одиграат офанзивно, па практично кој ќе биде поефективен во искористените шанси ќе се радува на победа. За штипјани предизвик е да го запрат најдобриот стрелец во историјата на Првата лига, Ибраими, додека за стружани ќе биде предизвик да се одолее на домашниот терен на Брегалница и нејзините напаѓачки адути Додев, Ѓокиќ, Ѓорѓиев.

Работнички и Академија Пандев ќе се судрат на Националната Арена во меч на кој двата тима во минатото коло загубија, па сега ќе бараат први бодови, а пандевци во последните година ипол не знаат за загубен бод против дебармаалци во четири меча по ред. Работнички последен пат ги победи струмичани во февруари лани на гости, а од март 2020 година нема триумф на домашен терен.

Шкендија после болната елиминација од Европа летово во која не загуби на ниту еден меч, но пенал рулетот ги исфрли од двомечот за плејоф со АИК Стокхолм, сега против Силекс ќе ја бараат стартната победа во новата прволигашка сезона, во која тетовци сакаат многу подобар почеток и поголема конзистентност бо битката со Шкупи за титулата, зашто ланската скоро двомесечна криза практично им ја зема круната.

Победа во Прилеп го пречекува Тиквеш во пресметка на клубовите кои сезонава ќе се борат за избегнување на позициите за испаѓање и бараж, додека Скопје е слободен во ова коло.

ПРВА ЛИГА, 2. КОЛО (17 ЧАСОТ)

Шкендија – Силекс

Брегалница – Струга Трим Лум

Победа – Тиквеш

Работнички – Академија Пандев

Слободен е Скопје

ВЧЕРА

Шкупи – Македонија ЃП 2-1 (0-0)

Трапановски 67, Цепас 70 – Скендери 87