Дербито на Истокот без победник, Скопје се измачи да го победи Тетекс

Лидерите во двете групи во Втората лига, Брегалница (Исток) и Скопје (Запад) останаа на иста дистанца во однос на ривалите во битката за есенската титула, која им се насмевнува после денешното 14-то коло во второлигашката конкуренција.

Брегалница одигра реми 1-1 со Тиквеш во дербито на Истокот и ова е второ реми на двата директни конкуренти за пласман во домашната елита сезонава, па штипјани ја задржаа предноста од пет бода на табелата во источната група.

Младинскиот македонски репрезентативец Мартин Стојанов на почетокот на второот дел постигна гол за водство на Брегалница, а шест минути подоцна Ѓорѓи Мојсов израмни, па на крајот двата тима освоија по бод, а за штипјани најважно беше да останат на дистанцата и сега во следните две кола една победа им е доволна за да го завршат овој есенски дел како лидери на табелата.

Скопје со 2-1 во возбудлив меч против Тетекс стигна до триумф за да ја одржи предноста од шест бода пред Гостивар, кој исто така славеше со 2-1 против Дрита, во мечевите на водечките против двата тима на самото дно. Скопје е практично на чекор да ја обезбеди есенската титула во западната конкуренција.

ВТОРА ЛИГА, ИСТОК: Брегалница – Тиквеш 1-1, Кит Го – Каменица Саса 0-0, Победа – Кожув 1-2, Слога Виница – Осогово 3-0, Росоман – Плачковица 0-1
ТАБЕЛА: Брегалница 36 бода, Тиквеш 31, Кожув 22, Слога Виница 20, Кит Го 20, Каменица Саса 16, Победа 13, Осогово 13, Плачковица 10, Росоман 8

ВТОРА ЛИГА, ЗАПАД: Кораби – Велешта 0-1, Гостивар – Дрита 2-1, Тетекс – Скопје 1-2, Охрид – Влазерими 1-0, Кадино – Вардар Форино 1-1
ТАБЕЛА: Скопје 33, Гостивар 27, Велешта 26, Охрид 22, Кораби 21, Влазерими 19, Кадино 15, Вардар Форино 14, Дрита 7, Тетекс 7.