Најмладиот македонски прволигаш Академија Пандев е победник на 27-от Куп на Македонија, откако денеска за историскиот прв трофеј победи со 4-2 на пенали против Македонија ЃП во финалето на најмасовното домашно натпреварување по исцрпувачките два часа и ремито 2-2.

Голманот на пандевци Душан Чубраковиќ беше херој во пенал-рулетот откако одбрани два пенали од четирите на „лавовите“, бранејќи им ги ударите на Робсон Да Силва и на Дејан Тантуровски во првата и четвртата серија, за разлика од струмичани кои успеаа да ги погодат сите четири пенали преку Ѓорѓи Стоилов, Љупчо Дориев, Томислав Илиев и Стојанче Велинов. За ѓорчепетровци единствено прецизни беа Јарваљо и Лукас.

Академија Пандев и Македонија ЃП го завршија регуларниот дел со трилер завршница во 120 секунди во финишот од 90-те минути, во кои „лавовите“ прво исчекорија кон трофејот со голот со глава на Дејан Тантуровски во 84-та, а Љупчо Дориев ги врати струмичани од мртвите во 86-та од пенал за мечот да мораше да се доигрува за да се добие 27-от победник на националниот Куп.

Претходно Сашко Пандев уште во 10-та минута од мечот со голчиште од преку 20 метри ја искина мрежата и донесе водство, а одговори мајсторот за слободни удари Робсон Да Силва, израмнувајќи го резултатот во 21-та минута од мечот.

Во продолженијата, двата тима џабе се мачеа уште половина час, со само една сериозна шанса на ѓорчепетровци на стартот на второто продолжение и во најголем дел стоејќи и лежејќи на теренот, колку да измине времето и да се решава победникот по рулет на пенали.