Брегалница ептен близу до Прва лига, Тетекс на чекор до опстанок

Брегалница е сѐ поблиску до Првата лига, откако запиша убедлива победа против Росоман од 5-1, а важен триумф запиша и Тиквеш во дербито против Осогово (3-0). Додека на Западот, Кадино ја реши Дрига со 2-1 во борбата за опстанок во лигата, а Тетекс беше подобар од Велазерими со 1-0.

Екипата на Брегалница постигна гол за водство преку Наумоски во 14. минута, но Росоман израмни веднаш потоа преку Дуков на 1-1. Сепак, лидерот на Истокот погоди уште трипати во мрежата на ривалот за водство од 4-1 во првото полувреме, а стрелци на головите беа Муарем, Стојанов и Наумоски. Победата за домаќините ја потврди Кудијан во вториот дел, кога ги постави конечните 5-1.

Тиквеш беше одличен во дербито против Осогово и славеше со 3-0. Најпрво Христов погоди за 1-0, по што во завршницата од мечот зголеми и на 2-0, додека Костов стрелаше за 3-0 во 79. минута.

На останатите натпревари Слога славеше со 1-0 против Плачковица, додека Кит-Го Пехчево триумфираше со 1-0 против Кожув, а Саса и Победа ги поделија бодовите (1-1).

Брегалница е на првата позиција со 61 бод, додека Тиквеш има 52 на втората позиција, по што следи Кит-Го со 41 на третото место.

Дрита постигна гол преку Алији во 18. минута за водство од 1-0, по што Андоновски и Јусуф стрелаа за целосен пресврт на Кадино (2-10:

Гостивар беше во добра позиција да освои три бода против Охрид, но сепак на крајот освои само бод (1-1). Гол за водство на домаќинот постигна Лимани, додека Вељаноски ги постави конечните 1-1.

Велешта освои три бода со триумфот против Кораби од 3-2, додека Тетекс беше поуспешен од Велазерими на гостувањето во Кичево со 1-0.

На Западот на првата позиција останува Скопје со 48 бодови, по што следи Велешта со 40, колку што има и Охрид. Додека битката на дното ќе биде пеколна затоа што Тетекс со нови три бода ги задржа шансите за опстанок во лигата. Велазерими е на шестата позиција со 25, по што следи Кадино со 24, а Тетекс има 21 бод.