Велешки Борец и Македонија ЃП го израдуваа најтрофејниот македонски клуб Вардар, кој после денешното комплетирање на 12-то првенстено коло, останува осамен на врвот на табелата, откако Академија Пандев падна во Велес со пораз со 0-1, а главниот ривал за титулата Шкендија повторно не победи и одигра неинтересно и досадно дерби без голови во Ѓорче Петров.

Вардар по вчерашната победа со 2-0 во соседското дерби против Работнички на крилата на Даниел Аврамовски, остана со три бода предност пред Академија Пандев, која денеска во Велес загуби откако Никола Прелчец со фантастичен погодок откосо го матираше Душан Чубраковиќ за на Борец да му донесе нова победа и да ја продолжи традицијата на добри резултати на велешани на домашен терен.

Борец откако се врати во прволигашката елита, сезонава нема загубено дома, а Академија Пандев е третиот клуб од врвот што паѓа на вештачкиот терен во Велес. Пред нив тука загубија Шкендија и Шкупи, а реми одиграа Вардар и Работнички, па со 14 бода велешани сега му избегаа за четири бода на последниот Работнички.

Шкендија по една победа пред четири дена со Силекс, повторно покажа многу слабости и тетовци со Македонија ЃП одиграа досаден, неквалитетен и безмалку неинтересен меч, во кој само во првите 20-на минуту од мечот имаше вистинско темпо, во кое Марјан Радески промаши зицер во 18-та, кога Марко Јовановски фантастично одбрани со нога, откако репрезентативецот беше сам пред него.

Иако Шкендија го диктираше темпото, имаше повече од поседот, постојано напаѓаче, но сето тоа беше јалово, зашто „лавовите“ добо ги затвораа сите приоди кон својот гол за да се изборат за бод, а со тоа на Вардар да му донесат плус 12 во однос на големиот ривал Шкендија во трката за шампионската титула, особено што тетовци поради квалитетот и покрај двоцифрената предност остануваат со шанси за одбрана на тронот.

Фатон Јусуфи во 90-та минута го спаси Шкупи од пораз во Тетово кај Ренова за реми 2-2, откако „гипсарите“ двапати водеа, но не успеаа да ја сочуваат предноста за да стигнат до триумф. Фисник Зука погоди по шест минути игра, Марин Јурина Израмни на четири пред полувременот, а Ненад Мишковски во 75-та минута донесе ново водство и сè до 90-та минута имаа три бода во рака, но не издржаа да ја сочуваат предноста.

Силекс со голот на Иван Ивановски во 64-та минута ја победи Струга Трим Лум за да стигне до 15 бода, сите освоени на домашен терен.

ПРВА ЛИГА, 12. КОЛО

Македонија ЃП – Шкендија 0-0

Ренова – Шкупи 2-2 (1-1)

Зука 6, Мишковски 75 – Јурина 41, Јусуфи 90

Борец – Академија Пандев 1-0 (0-0)

Прелчец 80

Силекс – Струга Трим Лум 1-0 (0-0)

Ивановски 64

ВЧЕРА

Работнички – Вардар 0-2 (0-0)

Аврамовски 76, 90+3

ТАБЕЛА: Вардар 27, Академија Пандев 24, Македонија ЃП 17, Шкупи 17, Шкендија 15, Силекс 15, Струга ТЛ 14, Ренова 14, Борец 14, Работнички 10.