Велковски со иста мака како Адеми: Или ќе прифати (пре)мала плата, или може да си оди!

Македонскиот репрезентативец Дарко Велковски, член на Риека, ја има истата мака како и репрезентативниот колега Аријан Адеми во Динамо Загреб, со понудата за намалување на платата во ек на пандемијата со коронавирус.

Адеми и цел Динамо ја одбија понудата на управата за да живеат од третина од платата, втората третина да им биде одложено исплатена до шест месеци откако ќе продолжат да играат фудбал, а од третина да се откажат и да не ја добијат никогаш. Иста ваква понуда сега има и Велковски во Риека, со тоа што, првиот човек Дамир Мишковиќ има и ултиматум – земи или оди си!

„Ако јас не можам да дадам пари во ваква ситуација, која е специфична без сомнение и на никого досега не му се случило такво нешто, тогаш ќе одиме со мирен раскин на договорот, кој нема да биде на штета ниту на клубот, ниту на фудбалерот. Јас нема да бидам лут, ако некој не се согласи, ама и јас имам право да потегнам некои чекори за да го спасам клубот. Јас гледам една година нанапред, не за тоа што ќе биде за три или шест месеци. Сите мора да бидат свесни дека ова е денешна ситуација, а никој не знае како ќе биде понатаму. Мора да знаеме дека или сите ќе претрпиме некаква штета или нема да го има клубот“, вели газдата на Риека.

Според најавите начелно фудбалерите се согласиле на предлогот на клубот, но допрва треба да оди поединечното изјаснување и дали некој конкретно ја прифаќа понудата или набрзо ќе стане слободен играч и ќе си замине

Динамо беше прв од клубовите во регионов што потегна ваков „економски план“ за да се издржи претстојната криза предизвикана од коронавирусот, а потоа Црвена Звезда објави дека за 50 отсто ги намалува платите со образложение на директорот Звездан Терсиќ на ист начин како и Мишковиќ – земи или оди си.