Тренерот на ЦСКА Софија од страв вети оставка, па се – премисли!

Српскиот тренер, Душан Керкез, се најде во фокусот на бугарската јавност откако поднесе оставка од клупата на ЦСКА Софија, но потоа ја повлече.

Тој призна дека првичната одлука ја донел поради страв од одмазда на најжестоките навивачи на клубот. Керкез летово пристигна во најтрофејниот бугарски клуб по успешни две години во Ботев, но стартот на сезоната не ги оправда очекувањата. „Црввените“ во првите пет кола дојдоа до само една победа, две нерешени средби и два порази, што предизвика незадоволство кај управата и фановите.

Клучен момент беше поразот на гости кај Арда, трет последователен неуспех за „армејците“ на тој стадион, што доведе дел од навивачката група да замине во спортскиот центар и отворено да му порача на тренерот дека е непожелен. Исплашен од можни последици, Керкез поднесе оставка, но наскоро се премисли и одлучи да остане на клупата, барем до дуелот против неговиот поранешен клуб Ботев, закажан за понеделник вечер.

„Им го кажав тоа зашто се исплашив, но нема да поднесам оставка“, изјави Керкез за бугарскиот „Спортал“.

ЦСКА Софија веќе долго време не е на нивото од минатото. Клубот последен пат ја освои титулата во 2008 година, а единствен успех во поновата историја е Купот на Бугарија во сезоната 2020/21.

ФОТО: X / @CSKA_Sofia