Српски профи-фудбал: Фудбалери избркани од становите, спијат на – стадионот!?

Српскиот професионален фудбал, колку и кај северниот сосед да сакаат да ја протуркаат приказната дека е „врвен“, сепак е толку ужасен, па фудбалери веќе со години преживуваат вистински голготи околу неисплатени плати, кирии, рати...

Последен скандал кој сериозно ја тресе Србија во ек кога има жесток рафал кон федерацијата после неучеството на Евро 2021 е ситуацијата со суперлигашот Мачва, чиј претседател до неодамна беше бившиот голман на Партизан и екс-репрезентативец Ивица Краљ. Краљ го остави клубот, кој сега е на раб на пропаст, а тренерот Драган Аничиќ конечно ја објави невидената голгота на фудбалерите.

„Јас одамна се зареков дека нема да зборувам за проблемите со кои се соочуваме веќе долго време и дека ќе се фокусираме исклучиво на теренот, ама сега сум приморан тоа ветување да го прекршам. Наместо ситуацијата да се поправа, нам од недела во недела ни е сѐ полошо. Пред неколку дена, дел од првотимците, зашто не е платена киријата за становите, останаа без сместување. Бараа да ги сместиме на стадионот. Тоа толку ме потресе и како човек и како тренер, ама истовремено сум горд зашто фудбалерите сѐ ќе дадат и спремни се да се жртвуваат за заедничкиот успех. Кога во највисокиот ранг немаме елементарни услови, зарем треба да зборуваме за резултати, игри. И нормално, има ветувања дека ситуацијата ќе се поправи, ама сѐ останува само на тоа – ветувања“, вели Аничиќ.

Мачва е претпоследна со осум бода од 15 досегашни мечеви во Суперлигата на Србија.