Седлоски по доаѓањето во Динамо: Посакувам да оставам добар белег и како тренер!

Поранешниот македонски репрезентативец и бивш тренер на Вардар, Гоце Седлоски од вчера и официјално го презема вториот тим на хрватскиот првак Динамо Загреб, каде доаѓа од директорската функција во најтрофејниот македонски клуб.

Седлоски после една деценија се враќа на „Максимир“, но сега во една поинаква улога. Претходно како играч остави силен белег во Динамо, капитен на тимот, три титули, три купа и два суперкупови, но и 24 гола во сезоната, иако беше централен дефанзивец. Сега, после две титули со Вардар, двапати спортски директор на црвено-црните, тренер во Турново, но и со неуспешни авантури во Рига и Широки бријег, Седлоски ќе се обиде да остави белег и како тренер.

„Долго години не сум бил во Загреб, од времето пред десет години додека бев играч на Максимир, иако со репрезентацијата на Македонија и со Вардар неколкупати доаѓав тука. Сепак, многу добро го знам овој стадион, овој клуб, имам многу пријатели тука, познато ми е сè и се счувствувам како дома. Ќе се обидам да го направам истото сега како тренер, како што го направив како играч, да оставам белег. Не знаме уште кога ќе почнеме, сега сакам да ги снимам фудбалерите, поголем дел од нив тренираат со првиот тим, а потоа ќе видиме... Не е мое да се мешам околу битката за првак (има спор со Хајдук за младинската титула – н.з.), но ако треба да се игра мајсторка за шампио, ќе бидеме подготвени“, вели Седлоски.

Седлоски го презема Динамо откако Игор Јовичевиќ, кој досега беше кормилар седна на клупата на првиот тим како наследник на Ненад Бјелица, кој спогодбено си замина.