Проклетството на Хајдук: Кој игра со сплиќани во Европа - пропаѓа!

Традицијата покажува дека речиси сите ривали на Хајдук во европските купови пропаѓаат откако ќе одиграат натпревар со тимот од Сплит. 

Последниот од тимовите кои ја почувствуваа клетвата од играње против Хајдук е Грасхоперс. Поранешниот 27.кратен шампион на Швајцарија испадна во Втората лига по цели 51 година. 

Сплиќани и Грасхоперс играа меѓусебе пред 16 години во 1.коло на УЕФА Купот. Хајдук мина понатаму и му ја пренесе клетвата на противникот. 

Меѓу „жртвите“ на хрватскиот клуб е и нашиот тим Турново. Македонскиот тим играше против Хајдук во јули 2013 година во рамки на второто квалификациско коло во Лигата на Европа. Турново моментално се натпреварува во Третата македонска фудбалска лига.

Останатите тимови кои играа против Хајдук, а сега се во ниските дивизии се романска Униреа, која веќе не постои поради банкрот, како и Сконто Рига. Веќе не постои ни Дунафер, Шелбурн веќе подолго време е второлигаш, Силамае од Естонија игра во третата лига, а во трет ранг на натпреварување се наоѓа и словенечки Копер. Торпедо Москва исто така испадна во Третата лига. Мајорка игра во Сегунда во Шпанија, а финансиски проблеми има и Дњипро и е исфрлен во Втората лига во Украина. Стоук исто така се натпреварува во Чемпиншип дивизијата. 

По една ваква клетва, веројатно Хајдук ќе биде најмалку посакуван противник во европските купови во иднина.