Поради чудниот договор со Кинезите, Адеми само влегува од клупа за Динамо!

Аријан Адеми се врати во Загреб, по шест месеци минати во Пекинг, иако за повратниот трансфер потребни беа долги преговори, за на крај Динамо и Гуан да се спогодат за отштета од 300.000 евра. Меѓутоа, како што течат натпреварите се забележува дека македонскиот репрезентативец нема иста улога како порано во Динамо и замо влегува од клупата, како резервист.

Откако се врати на „Максимир“, одигра само 7 минути против Славен Белупо, 28 против Рудеш и 27 со Пониква во Купот на Хрватска. Во Конференциската лига не игра воопшто, бидејќи Динамо задоцни со регистрирањето и таму би играл единствено во нок-аут фазата, напролет.

Причината за оваа потпросечна минутажа за капитенот на Динамо биле дополнителните клаузули со Пекинг Гуан, кои налагаат Динамо да исплати бонуси врз основа на настапите на Адеми.

Една од тие клаузули велела дека ако Адеми одигра повеќе од 35 минути на повеќе од осум меча до крајот на 2023 година, тогаш Динамо треба да му исплати на Гуан уште 500.000 евра. Затоа тренерот Сергеј Јакировиќ го дозира и го пушта само во второто полувреме. За среќа на Динамо, во овие споменати натпревари не ни постоеше потреба од Адеми, но следуваат дерби дуели со Хајдук, Риека и со Осиек, во кои тој ќе биде неопходен.

Дополнително, ако Адеми одигра повеќе од 35 минути на повеќе од 15 меча до крајот на сезоната 2023/24, Динамо ќе треба да му исплати на Гуан уште 700.000 евра, што би ја довел комплетната максимална можна цена до 1.5 милиони евра. 

Оваа втората клаузула е попроблематична, бидејќи е до крајот на сезоната, а потенцијално, Динамо би настапувал во елиминациските кола од Конференциската лига, каде што не може да се замисли меч без Адеми. Распоредот е таков што, до крајот на 2023 година, т.е. до крајот на полусезоната во Хрватска, Динамо игра двапати со Хајдук и по еднаш со Риека и со Осиек, па таа прва клаузула за 500.000 евра би ја избегнал. Но, потоа ќе му останат уште 11 меча на кои Адеми ќе смее да игра повеќе од 35 минути и ќе биде проблематично да се дозира неговата минутажа.