Левски и ЦСКА одиграа возбудливо реми со четири гола (2-2) денеска во Софија пред повеќе од 30 илјади гледачи и очекувано големата градска пресметка не мина мирно по улиците на бугарската престолнина, но и на трибините на стадионот.

Полицијата вечерва објави дека околу педесетина навивачи се уапсени, без притоа да потенцира од чија страна има повеќе, од сината на Левски или црвената на ЦСКА. Како што објави бугарското МВР; многу тензии имало при движењето на навивачките групи кон стадионот, па во еден дел дошло до пресметка по што еден навивач е повреден и приведен. Тепачка имало и во јужниот дел на Софија, но полицијата не откри детали.

Уште 50-на навивачи биле уапсени на влезот на стадионот, од нив тројца поради дрога, четворица затоа што имале фантомки, еден поради носење на пепер-спреј, а дури 34-ца за поседување на пиротехника.

И покрај се, пиротехничко шоу имаше на стадионот, а од него, две девојки во секторите на најжешките навивачи побарале лекарска помош поради загушување од димот од пиротехниката.