Навивачите на Динамо застанаа зад играчите: Прво да се намалат трошоците за Мамиќ, па потоа...

Откако избувна хаос на „Максимир“ со неприфаќањето на мерките за штедење на Динамо, според кои играчите требаше да добијат само третина од платата во овој кризен период, навивачите на Динамо Загреб организирани во здружението „Динамо тоа сме ние“, застанаа во одбрана засега на фудбалерите и нормално удрија по нивниот „најомилен лик“ - Здравко Мамиќ.

Одамна навивачите се во војна со хрватската фудбалска алфа и омега и сега тие побараа прво да се намалат големите трошоци за Мамиќ, а потоа да се „удира“ по фудбалерите, вработените и останатите во Динамо.

„Динамо реши да ги намали платите на сите во клубот како мерка за да се преброди економската криза, која поради пандемијата е веќе извесна. Но, сакаме да истакнеме дека сме разочарани од начинот на кој управата сака своите намери да ги спроведе во дело. Го посрамотија клубот, но и себе, исто како што направија со обидот за да го сменат статутот. Наместо да седнат и да се договорат со клубот, тие тргнаа медиумски да водат 'војна' со играчите и да прават притисок. И тоа во ек на најголемата криза во земјата од татковинската војна. Ние како здружение нудиме решение, а веќе четири ипол години постојано го посочуваме проблемот со најголемата кражба во историјата на клубот со преку 20 милиони евра одлеани од клубот (водејќи се од обвиненијата – н.з.). Со тие пари кои браќата Мамиќ ги извлекоа, досега ќе имавме нов стадион, а сега ако управата сака да ја докаже својата љубов кон модрите прво треба да ги скрати сите трошоци за Мамиќ. Прво да се запре чешмата која тече кај Мамиќ, а после да се удри по играчите“, велат во реакцијата навивачите.